Македонија умира тивко: за 60 години четири пати помалку новородени деца, секоја генерација е се помала од претходната

Во 1960 година во Македонија се раѓале 44.095 деца годишно. Денес се раѓаат 16.061. За шест децении, паднавме на речиси четвртина. Ова не е само бројка. Тоа е слика за тоа колку брзо едно општество може да се исцеди.

 

Само 2-3 од 100 семејства денес добиваат бебе – порано биле 11 од 100

Во 1960 година во Македонија се родиле 44.095 деца, што значело дека во околу 11 од секои 100 семејства секоја година се раѓало бебе. До 1990 бројката паднала на 35.401 новороденче, односно деца добивале околу 7 од 100 семејства. Во 2000 година биле родени 29.308 деца, или бебе добивале околу 5 семејства на секои 100. Во 2024 година, се родени само 16.061 дете.
Поедноставно: во вашиот блок со 100 семејства, порано секоја година имало бебе во единаесет домови. Денес има само во два или три.

Во 2025 има уште помалку новородени отколку во 2024, иако наталитетот кратко пораснал

Третото тримесечје на 2025 донесе мало позитивно изненадување, наталитетот пораснал за 3,7% во однос на истиот период во 2024. Но природниот прираст останал негативен. Повеќе луѓе умираат отколку се раѓаат. Само Скопскиот регион е исклучок. Проекцијата за целата 2025 година: околу 15.500 деца. Уште 500 помалку од 2024.

 

Во 2025 има уште помалку новородени отколку во 2024, иако наталитетот кратко пораснал

Иселувањето е главниот виновник: секој трет млад Македонец живее надвор и таму создава семејство

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски кажува директно: „Не е нарушена кај нас желбата за формирање семејства. Но проблемот е што се намалува потенцијалот за раѓање, младиот потенцијал, клучно поради иселувањето.” Генерацијата родена во 1994, онаа во чии раце е наталитетот денес, 30% не живее во Македонија. Секој трет потенцијален родител е во Германија, Австрија или Италија. Неговите деца ке бидат германски, австриски или италијански статистики. Годишно 12.000 млади до 29 години ја напуштаат земјата. 62% од оние кои останале велат дека сакаат да заминат. 77% од иселените не планираат да се вратат.

Децата на Македонците се статистики на Германија, Австрија и Италија

Македонките не сакаат помалку деца. Стапката на фертилитет е 1,44, слична со просекот на ЕУ. Проблемот не е во желбата. Проблемот е во тоа каде се тие жени. Македонско семејство во Штутгарт кое добива дете се брои во германската статистика. Ги плаќа германските даноци. Го пополнува германското училиште. Ја поддржува германската пензија.

До 2030 бројот на новородени деца ќе се спушти под 13.000, училиштата веќе се празни

Според сегашните проекции, бројот на новородени деца во Македонија би можел да падне под 13.000 до 2030 година. Ако во 2024 година се родиле 16.061 деца, се очекува бројката да се намали на околу 15.500 во 2025, околу 14.300 во 2027 и приближно 12.700 новородени до крајот на деценијата. Во меѓувреме, детската популација во Македонија веќе е намалена за 18% во периодот меѓу 2011 и 2023 година, а во некои рурални општини основните училишта денес имаат помалку ученици отколку наставници.

Финансиските стимули не го решаваат проблемот: За четириесет години ќе сме 1,5 милиони жители

Владата дава 6.575 денари за прво дете, 26.305 за второ. Симовски е директен: „Мерки со финансиска поддршка повеќе се популистички, ефект нема.” Луѓето не одбиваат деца заради 100 евра. Одбиваат заради платите кои не растат, заради здравствениот систем, заради тоа дека и тие самите размислуваат да заминат. Симовски го кажал и крајниот заклучок: ако не се направи нешто многу брзо, особено во однос на европските интеграции, бројот на жители на Македонија за 40 години ке биде 1,5 милиони. Денес сме 1,8 милиони. Секоја година, уште едно семејство помалку во блокот добива бебе.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *