Македонската претстава „Кокошка“ селектирана на реномираниот фестивал на современа драма „Kolyada-Plays“ 2026

Независната театарска претстава „Кокошка“ на Театар Вортекс, работена според текст на Николај Кољада, е селектирана за учество на меѓународниот фестивал на современа драма „Kolyada-Plays“ 2026, што се одржува во Екатеринбург.

Годинава на фестивалот пристигнале 94 апликации, од кои во официјалната long-list се избрани 28 продукции, меѓу кои и „Кокошка“ – единствената претстава од Македонија.

 

Фестивалот „Kolyada-Plays“, е основан од самиот Николај Кољада во 1994 година и претставува една од препознатливите платформи за современа драматургија во регионот, со фокус на нови текстови, авторски пристапи и театарски експеримент. Програмата традиционално ја селектираше самиот Николај Кољада, врз основа на гледање на претставите и консултации со театарски критичари, но оваа година фестивалот за првпат се одржува без него, по неговата смрт на 2 март.

Во неговата програма често се вклучуваат и различни интерпретации на неговите текстови, но и дела од новата генерација драматурзи што произлегуваат од т.н. „Кољада школа“, правејќи го фестивалот важна точка за современи театарски текови.

 

За претставата

„Кокошка“ се занимава со потребата за слобода, копнежот и страста да се сака и да се сонува, дури и кога светот станува студен и апатичен. Преку анализа на извитоперените вредности, моралната пакост, лековерноста и суетата, се гради светот на ликовите кои, налик на отворен креативен процес, создаваат пред очите на публиката.

 

Претставата користи импровизација, апсурд и игра како начин на справување со внатрешниот хаос, при што актерите функционираат како своевидни „џезери“ на сцена. Во нејзиното јадро е младоста – немирна, искрена и гладна за промена, која се судира со навиките, рамнодушноста и стравот.

Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, која го потпишува и изборот на сценографија и музика, со костимографија на Марија Пупучевска и сценски движења во соработка со Дарко Велиќ. Дизајнот на плакатот е на Михаил Велески, а фотографиите се на Луција Спасовска. Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева.

Независниот театарски проект е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам, како и од Прилепска пиварница, Bonanca Urban и Кораб Трница.

За сите што сакаат да ја погледнат претставата, следната изведба на „Кокошка“ ќе се одржи на 17 мај во Театар Комедија. Билети се достапни на: online.teatarkomedija.mk

Фотографии од претставата:

 

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *