Македонските земјоделци ги газат пиперките со трактори: „За 15 денари не го даваме родот“

Незадоволството кај македонските земјоделци расте поради ниската откупна цена на пиперката, која во моментов изнесува околу 15 денари за килограм. Дел од производителите велат дека за тие пари не им се исплати ниту да го соберат родот, па наместо на откуп, пиперките остануваат на нивите или завршуваат под трактор.

Таква слика доаѓа и од Канатларци, каде земјоделецот Реџеп Арифиски реши да го уништи родот, револтиран од цената што му ја нудат откупувачите.

Производителите велат дека очекувале сосема поинакви цени – околу 40 денари за килограм за прва класа, а приближно 30 денари за прва-втора класа и за пиперката наменета за индустриска преработка. Наместо тоа, понудените 15 денари, според нив, не можат да ги покријат трошоците за производство, берба и транспорт.

Поради тоа, за некои земјоделци поевтино е родот воопшто да не го берат отколку да вложат дополнителен труд и пари за да го продадат по цена што ја сметаат за понижувачка.

Земјоделците бараат повисока и реална откупна цена, предупредувајќи дека во спротивно дел од годинешниот род ќе пропадне директно на нивите.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *