Македонско-американски тим археолози истражуваат на битолскиот локалитет Градиште: Новите откритија ја раскажуваат приказната за древниот град
Македонско-американски тим археолози ги продолжи ланските истражувања на археолошкиот локалитет Градиште, кај битолското село Црнобуки. На терен се професионалци од НУ Завод и Музеј-Битола и од Универзитетот Кал Поли Хамболд од Арката, Калифорнија.
Од тимот велат дека деновиве интензивно работат на локалитетот, водени од истата мисла: „Да го откриеме минатото за подобро да ја градиме иднината. Ние, ја откриваме приказната за нашите предци како достојни наследници“.
Градиште е град од античко време, кој егзистирал во времето на македонската држава, а подоцна и во римскиот период.

Енгин Насух вели дека секоја монета, секој сад и секој метален предмет ја раскажуваат приказната за Градиште
Раководителот на проектот, Енгин Насух, советник кустос археолог во НУ Завод и Музеј Битола, нагласува дека новите наоди повторно го отвораат животот на древниот град пред истражувачите.
„И оваа година археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки ни ги даде своите дарови. Мноштвото на движни и недвижни археолошки наоди повторно ги збогати нашите сознанија за овој древен македонски град. Секоја пронајдена монета, секој пронајден сад, секој пронајден метален предмет, сите тие ни ја раскажуваат приказната за Градиште кај Црнобуки, за животот на обичниот човек, за походите на големите генерали, за трговските врски со околните големи градови Тесалоника, Пела, Амфиполис, Дирахион. Ја откриваме приказната за нашите предци како достојни наследници. Ние сакаме да го откриеме минатото за подобро да ја градиме иднината“, истакна Енгин Насух, раководител на проектот, советник кустос археолог во НУ Завод и Музеј Битола.
Ник Ангелоф е кораководител, а на терен се и Џесика Морис и уште 25 студенти и волонтери од САД
Проектот се реализира во соработка со Универзитетот Кал Поли Хамболд од Арката, во американската сојузна држава Калифорнија.
Во македонскиот тим, освен раководителот Насух, работат Слободан Стојкоски како заменик раководител и соработниците Моника Нолева, Славе Стојанов и Стефан Малбашиќ.
Минатата година, македонско-американски тим археолози на локалитетот Градиште-Црнобуки откри слој од доцниот енеолит или почетокот на бронзеното време, како и една фрагментирана женска фигурина.
Археолозите користат специјална опрема и технологија, со која обезбедиле наоди постари од времето на Филип V. Според досегашните сознанија, можно е да станува збор за градот Линк, главен град на Линкестида.

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.


Коментирај анонимно