Македонско семејство ограбено во апартман во Паралија: „Кога се вративме од плажа парите ги немаше, а за влез беше потребен ПИН“

Македонско семејство кое деновиве престојувало во Паралија, Грција, тврди дека било ограбено во апартманот во кој било сместено, додека тие биле на плажа.

Нашиот читател Дарко, кој сака неговото презиме и останатите лични податоци да останат анонимни, ни раскажа дека на одмор биле двајца возрасни со две деца. Сместувањето го резервирале преку Booking, а за пет ноќевања платиле 580 евра, односно 116 евра за една ноќ.

Според неговото сведоштво, кражбата се случила додека целото семејство било на плажа. Кога се вратиле, откриле дека од апартманот им недостига готовина.

Она што дополнително ги вознемирило е што, како што вели Дарко, апартманот го оставиле заклучен, а за влез бил потребен и ПИН-код.

„Додека бевме на плажа, некој влегол во апартманот, ја зел готовината и си заминал. Апартманот беше заклучен, а дополнително имаше и ПИН за влез“, раскажува Дарко.

 

Семејството било сместено во Delfini Suites by SDR во Паралија, објект со кој, според информациите што ни беа доставени, управува Теохарис (Харис) Сидиропулос, преку компанијата за управување со имот SDR Company. Сидиропулос е поврзан и со управувањето на Hotel Lucija во Паралија.

Откако забележале дека им недостигаат парите, семејството најпрво му се обратило на Сидиропулос. Според Дарко, неговата реакција дополнително ги разочарала.

Дарко тврди дека Сидиропулос не сакал да повика полиција, а на семејството наводно му било кажано дека доколку самите одат да го пријават случајот во полиција, треба да го напуштат апартманот.

Семејството сепак решило да отиде во полиција и официјално да го пријави случајот. Како што ни раскажа Дарко, оттогаш не добиле никаква повратна информација. Никој не ги контактирал во врска со пријавата и случајот засега останува без разврска.

„Тоа што ние го преживеавме не сакам никому да му се случи“, вели Дарко.

Токму затоа семејството решило јавно да го сподели своето искуство и да ги предупреди останатите туристи да бидат внимателни со готовината и вредните предмети што ги оставаат во сместувањата.

Станува збор за сведоштво на семејството и за случај кој, според Дарко, е пријавен во грчката полиција. До моментот на објавување семејството нема добиено информација дали е утврдено кој влегол во апартманот, како успеал да влезе, ниту што се случило со пријавата.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *