Маск вети по две акции на SpaceX за секое американско дете
Илон Маск изјави дека секое дете во САД ќе добие по две акции во SpaceX, неговата компанија за вселенски технологии и вештачка интелигенција. Според „Ројтерс“, оваа донација се проценува на околу 18 милијарди долари.
Планот, според неговата кратка објава на социјалната мрежа X, предвидува децата да добијат по една акција од компанијата и по една „лично“ од самиот него. Маск не навлезе во дополнителни детали, но во посебна објава прецизираше дека акциите на SpaceX ќе бидат префрлени веќе следниот месец.
„Акцијата од SpaceX ќе биде префрлена следниот месец“
Во објавата на X, Маск го наведе и временскиот распоред за префрлањето на акциите.
„Акцијата од SpaceX ќе биде префрлена следниот месец. Акцијата директно од мене ќе биде префрлена кога ќе истече мојот период на ограничување за продажба во јуни следната година“, напиша Маск.
Од SpaceX соопштија дека ќе доделат по една новоиздадена обична акција од класа А на секој сопственик на активна „сметка Трамп“ (Trump Account). Компанијата додаде дека Маск лично ќе обезбеди ист број акции колку што донира SpaceX.
Близу 70 милиони „сметки Трамп“ стојат зад проценката од речиси 18 милијарди долари
„Trump Account“ е програма создадена со цел да им овозможи на Американците под 18-годишна возраст удел на берзата и да им помогне да создадат капитал уште од рана возраст.
Во октомври Белата куќа објави дека се отворени близу 70 милиони вакви сметки. Во среда акциите на SpaceX го затворија тргувањето на цена од 127,44 долари, со што вкупната донација се проценува на речиси 18 милијарди долари.
Маск, чие нето-богатство се проценува на околу 824 милијарди долари, уште минатиот месец најави дека ќе подари по една своја акција во SpaceX на секое дете во Америка. Поголемиот дел од неговите филантропски иницијативи се реализираат преку Фондацијата „Маск“, која располага со средства вредни над 14 милијарди долари.
Претходно во октомври и претседателката на SpaceX, Гвин Шотвел, заедно со својот сопруг ветија дека ќе донираат дел од своите акции на над два милиони деца во рамките на истата иницијатива.
Истовремено, компанијата за вештачка интелигенција Anthropic, која неодамна излезе на берза, објави дека издвојува 5 проценти од своите акции за нов фонд насочен кон „општото добро“, вреден околу 54 милијарди долари според тековните цени.
И други водечки светски бизнисмени имаат создадено масовни филантропски проекти: Ворен Бафет досега донирал 60 милијарди долари, додека Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ од своето основање во 2000 година распределила повеќе од 100 милијарди долари.

Коментирај анонимно