„Ми стави пиштол на слепоочницата и играше руски рулет“: Поранешната партнерка на Ален Делон ги откри ужасите од животот со славниот актер

Беше француски национален херој, филмска икона и глобално божество чија моќ далеку ги надминуваше границите на седмата уметност. Олицетворение на францускиот шарм и елеганција, тој поседуваше сѐ што треба да има еден идеален маж.
Во негова чест настана и познатата фраза „убав како Ален Делон“, која и идните генерации ја користат за да опишат совршенство. Но, под блескавата фасада, славниот актер криел застрашувачка темна страна, за која сега отворено проговори неговата долгогодишна поранешна партнерка Розали ван Бремен.

„Ми стави пиштол на слепоочницата и играше руски рулет“: Поранешната партнерка на Ален Делон ги откри ужасите од животот со славниот актер

Од „Роко и неговите браќа“ до „Самурај“, заводникот што немаше потреба да глуми

Совршено извајаните црти на лицето, сините очи, беспрекорниот стил и онаа необјаснива комбинација на нежност, ноншалантност и опасност го направија еден од најголемите заводници во историјата на кинематографијата. Ален Делон немаше потреба да глуми – доволно беше само да се појави на платното.
Во Франција уживаше статус на божество, но истовремено беше и бунтовник, жесток и непредвидлив. Изгради светска кариера, а подеднакво фасцинантна беше и неговата љубовна биографија, исполнета со страсти, бурни разделби и скандали.
Роми Шнајдер беше, како што подоцна и самиот призна, најголемата љубов на неговиот живот. По неа следуваше бракот со Натали Делон, со која го доби синот Ентони, а потоа мина 15 години во врска со Миреј Дарк.

Од „Роко и неговите браќа“ до „Самурај“, заводникот што немаше потреба да глуми

Розали имала 21 година кога го запознала на снимањето на „Comme au cinéma“

Потоа во неговиот живот влезе Розали ван Бремен, речиси три децении помлада холандска манекенка и новинарка. Нивната врска траеше од 1987 до 2001 година, а во тој период ги добија децата Анушка и Ален-Фабиен.
Јавноста веруваше дека актерот конечно пронашол мир на раскошниот имот во Души, опкружен со густи шуми. Но, зад затворените врати, според нејзиното сведоштво, се одвивал вистински кошмар.
Розали ван Бремен, денес на 60 години, ја објави книгата „Amour fou“ („Луда љубов“), напишана во форма на писмо во кое се враќа на нивниот турбулентен заеднички живот. Маѓепсана од неговата харизма, многу брзо сфатила дека врската ќе бара огромни компромиси и откажувања.

Розали имала 21 година кога го запознала на снимањето на „Comme au cinéma“

Двапати скршен нос, скршени ребра и страв што не престанувал

Најголемиот проблем, според Розали, не била разликата во годините, туку темната и агресивна страна на неговиот карактер, која периодично испливувала на површина со разорна сила.
Наглите промени на расположението се менувале со периоди на креативност и нежност, но никогаш не се знаело кога ќе се случи следната експлозија на гнев. Најтешкиот дел од нејзината исповед се однесува на физичкото насилство. Розали отворено тврди дека славниот актер двапати ѝ го скршил носот и ѝ нанел скршеници на ребрата.
Присетувајќи се на тие трауматични епизоди, таа признава дека ни денес не знае што оставило подлабоки лузни – физичките повреди или понижувањето и постојаниот страв во кој живеела со децата. Иако верувала дека љубовта може сѐ да надмине, со текот на времето сфатила дека ситуацијата само се влошува.

„Таа вечер бев убедена дека ќе умрам“

Крајот на петнаесетгодишната врска настапил во 2001 година, по еден екстремно застрашувачки инцидент. За време на жестока расправија во нивниот дом, Делон извадил пиштол, ѝ го прислонил директно на слепоочницата и започнал да си игра руски рулет.
„Таа вечер бев убедена дека ќе умрам“, наведува Розали во книгата.
Тој шокантен миг бил пресвртна точка по која сфатила дека нема надеж за спасување на нивната врска и решила дефинитивно да го напушти за да си го спаси сопствениот живот и животот на децата.

Во Души се врати кај човекот од кого еднаш бегала

Можеби најнеобичниот дел од оваа приказна е она што се случи години подоцна. И покрај сите трауми, Розали остана во контакт со Делон.
Кога актерот се разболе и беше оставен сам на својот имот во Души за време на семејните конфликти меѓу децата, токму Розали се врати да се грижи за него во неговите последни денови.
Таа ја опиша таа последна средба како исклучително емотивна: „За мене тој сѐ уште беше истата онаа личност со која делев младост и деца“.
Ален Делон почина на 18 август, во својата 88. година, оставајќи зад себе блескаво филмско наследство, но и комплексна биографија обвиткана во мрачни семејни тајни.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *