Младата македонска режисерка Теодора Сиљаноска меѓу избраните на престижниот конкурс „Слави Шкаров“

Младата македонска режисерка Теодора Сиљаноска е меѓу избраните учесници на меѓународниот конкурс за млад театарски режисер „Слави Шкаров“, кој ќе се одржи од 15 до 20 јуни 2026 година во Русе, Бугарија, во рамки на Драмски театар „Сава Огњанов“.

Станува збор за значаен меѓународен конкурс кој им овозможува на млади режисери да ги претстават своите идеи и авторски пристапи, поврзувајќи нови театарски гласови со современите сценски текови. Темата на ова издание е „Лавиринти на сегашноста“, фокусирана на предизвиците и комплексноста на современиот свет.

Теодора Сиљаноска (1996, Прилеп) е магистер по театарска режија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, во класата на проф. Дејан Пројковски. Уште од рана возраст се занимава со пишување и рецитирање, а подоцна својата уметничка насока ја насочува кон режијата.

Иако е на почетокот од својата кариера, веќе режира во Македонија и регионот, а добитничка е на награди на фестивалите „Актерот на Европа“ и ИНТЕФ во Србија за претставата „Пеликанот“ од Аугуст Стриндберг. Нејзината најнова претстава „Кокошка“, која е на репертоарот на Театар Комедија, е селектирана и на фестивалот „Kolyada Plays 2026“  во Русија — меѓународен театарски фестивал посветен на современата драматургија, кој ги обединува автори и продукции од повеќе земји.

Нејзиниот избор на овој престижен конкурс претставува значајно признание и потврда за новата генерација македонски театарски автори.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *