„Мртва точка во сврзно ткиво“ – новата стихозбирка на младата авторка Деспина Сиљаноска што тивко, но силно зборува за човекот
На македонската поетска сцена се појавува ново, свежо, но веќе препознатливо име. Деспина Сиљаноска, млада авторка со изграден сензибилитет и јасен поетски израз, ја претставува својата трета стихозбирка „Мртва точка во сврзно ткиво“ – дело што не се чита набрзина, туку се доживува.


Во време кога зборовите често се трошат лесно, нејзината поезија оди во спротивна насока – минималистичка, но длабока, тивка, но присутна.
„Ако оваа книга би се опишала со неколку збора, тогаш тоа е мисла фатена во движење. Концептуално поделена на три дела – ЖАР, ЕХО и ПЕПЕЛ, стихозбирката нуди искуство што може да се доживее одделно или како постепена емоционална градација“, вели Сиљаноска.
Трите сегменти – ЖАР, ЕХО и ПЕПЕЛ – функционираат како симболични слоеви на едно внатрешно патување. Тие се преплетуваат како основно, сврзно и длабоко ткиво, создавајќи состојба што авторката ја препознава како стишување – тивка, но силна внатрешна емоција.


Преку кратки, внимателно избрани зборови, таа создава поезија во која секој стих има тежина, а секоја пауза – значење:
ЖАР
Во она далеку,
блиску,
збор,
мисла.
ЕХО
Одекна,
па се зароби во спомен.
ПЕПЕЛ
Та печат.

Деспина Сиљаноска е дипломиран и специјализиран театарски уметник/актер при Интернационалниот универзитет „ЕУРОПА ПРИМА“ – Скопје. Зад себе има две стихозбирки – „Латици од животот“ (2013) и „Љубовта на поетот“ (2015), а со најновото дело покажува континуитет, зрелост и јасно оформен авторски глас.
Сите нејзини книги се издадени и наградени преку конкурсите на „Дата ПЕСНОПОЈ“ – Битола, што ја потврдува нејзината посветеност и присуство на поетската сцена.
Неодамна, Сиљаноска оствари уште еден значаен успех – победи на настанот „Отскочна даска“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети до 30 години. Како победничка, таа ќе настапи на 7 мај, на отворањето на фестивалот, што претставува уште една потврда за нејзиниот потенцијал и растечко присуство на сцената.

Книгата веќе ја имаше својата прва средба со публиката преку промоција исполнета со емоција и внимание, а интересот што го предизвика е само најава за она што следува.
Иако во моментов не е достапна во продажба, „Мртва точка во сврзно ткиво“ наскоро се очекува да го најде својот пат до читателите.

Коментирај анонимно