На 17-години тежела САМО 28 килограми: Мајка и татко ја изгладнувале својата ќерка тинејџерка со строга веганска диета – и ги лажеле лекарите за нејзината вистинска возраст
Тинејџерка со многу слаби раце, која била толку исцрпена што постоела опасност да си ги скрши коските ако премногу скока на часовите по танц, била држена на строга диета од страна на нејзините родители, принудена да користи играчки за деца и држена подалеку од јавноста.
Набргу пред нејзиниот 17-ти роденден, девојката тежела под 28 килограми и била висока 147 сантиметри, но таткото и го сменил датумот на раѓање на нејзиниот извод за да изгледа како да има само 14 години.
Девојката, која била веган и школувана дома, одела на интензивни часови по танц, кои биле нејзиниот единствен контакт надвор од домот во Перт, Западна Австралија, каде што живеела со нејзините родители. Кога наставничката по балет изразила загриженост за тежината на девојката пред нејзината мајка, мајката била „решителна“ и уверила дека девојката е „целосно здрава“, што било наведено во Окружниот суд на Западна Австралија.
0
Властите за заштита на децата биле известени, но обидите на социјалната работничка за медицинска проценка на „потхранетата“ девојка биле наводно игнорирани од страна на нејзините родители во текот на четири месеци.
Соочени со барањето да ја одведат ќерката кај лекар, таткото посетил општ лекар и побарал писмо што ќе им послужи како доказ дека девојката е здрава, но докторот одбил да го направи тоа. Кога доаѓале од службите за заштита на деца за да ја видат девојката, таткото излегол пред вратата и не дозволил тие да ја видат девојката.
До 1 април 2021 година, родителите биле приморани да ја однесат девојката кај лекар во Перт. Тие пополниле документи на кои напишале дека девојката има 14 години, а подоцна тоа го објасниле како „грешка“. Минатата недела, таткото призна дека го изменил нејзиниот извод на родени.
Во моментот кога отишле на лекар, девојката била речиси 17 години, била висока 147,5 сантиметри и тежела 27,3 килограми, што е просечна тежина на деветгодишно дете. Никогаш немала менструација и покрај тоа што била во пубертет, а таткото уверил дека има „одлична диета“ и „станува посилна“.
Лекарот, кој подоцна кажал дека е „длабоко загрижен“ за состојбата на девојката, инсистирал родителите веднаш да ја однесат во Детската болница во Перт на итен прием. Но, родителите рекле дека не сакаат да ја изложат девојката на стрес бидејќи тие тагувале по смртта на нивната 22-годишна мачка неколку дена претходно.
Родителите одбиле девојката да направи ЕКГ бидејќи тоа било „премногу инвазивно“, а кога им било кажано дека таа е во ризик од смрт или срцев удар, таткото наводно се насмеал. На крајот, биле принудени да ја однесат девојката во болница на 7 април.
Во болницата, девојката била дијагностицирана со четврти степен на неухранетост, а лекарите наредиле да ѝ се вгради назогастрична сонда за пет дена пред да започнат со план за исхрана. Родителите се спротивставиле на третманот, тврдејќи дека девојката е природно слаба и дека била родена предвремено.
Тие, исто така, инсистирале да бидат присутни во болницата и да ја надгледуваат додека оди во тоалет. Додека девојката била во болница, персоналот забележал дека мајката поставувала тајмер за миење на заби и ѝ давала дозвола кога да плука.
По 50 дена во болница, девојката се здебелила за 7 килограми и пораснала за 3,4 сантиметри. Но, персоналот забележал дека девојката била третирана како мало дете и гледала програми како „Виглс“, „Томас и другарите“ и „Телетабис“, иако нејзините резултати од училишната проценка и свирење на пијано покажале дека нема когнитивни оштетувања.
За нејзиниот 17-ти роденден во болницата, родителите ѝ донеле Барби кукла и се обиделе да организираат посета од принцеза на Дизни. Судот, исто така, слушна сведоштво од наставничка по танц која била загрижена за девојката уште две години пред таа да биде хоспитализирана.
Наставничката рече дека девојката носела „прекрасни малечки фустанчиња“, имала плишани играчки и дека нејзината мајка не ја остава како другите родители, туку секогаш чекала за време на часовите по танц.
Меѓу фотографиите прикажани на судот, девојката била насликана на 13 години со други ученици од танц на возраст од 11 и 12 години, кои биле поголеми од неа.
Наставничката сподели дека девојката изгледала како да станува „сѐ послаба и послаба“ и дека имала стравови дека нема да може да издржи скокови бидејќи можеби ќе доживее фрактури од притисок. Обидите да зборува со мајката за состојбата на девојката биле одбиени.
Адвокатот на мајката пред судот изјавил дека жената ја засипувала својата ќерка со љубов и дека ѝ давала сѐ што ѝ било потребно, но дека била пребирлива за храната.
Родителите, чиј идентитет не се открива за заштита на девојката, се на судење во Перт и се изјаснија за невини по обвиненија дека го загрозувале здравјето на детето со нивното однесување.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно