Научници од Јејл развија револуционерна вакцина против рак која ја поништи болеста кај девет пациенти
Револуционерна вакцина против рак, развиена од научник од Универзитетот Јејл, успеала да ја поништи болеста кај девет пациенти.
Сите пациенти што учествувале во студијата помеѓу март 2019 и септември 2021 биле слободни од рак на бубрег на трогодишната контрола во јули 2023 година, што претставува голем напредок во медицината.
Типот на рак на бубрег што го имале – стадиум три и четири на clear cell renal cell carcinoma (ccRCC) – вообичаено убива помеѓу 85 и 90 проценти од пациентите.
Вакцината успеала да ги елиминира преостанатите клетки на рак по операцијата, без да ги оштети здравите клетки, бидејќи е прецизно прилагодена на биологијата на секој пациент.
Овие инјекции, развиени од тимот на Јејлскиот центар за рак и Dana-Farber Cancer Institute, го обучуваат имунолошкиот систем да ги препознава само специфичните мутации во туморот, кои не се присутни во здравите клетки.
Првиот автор на студијата, д-р Дејвид Браун, водечки истражувач во Јејлскиот центар за рак, изјави: „Целта на ова истражување беше да го насочиме имунолошкиот систем кон таргети што се единствени за туморот“.
Бидејќи секој случај на рак е уникатен, истражувачите работат на развој на специфични вакцини за тумори што можат и да ги уништат клетките на ракот на многу прецизен начин и да спречат повторно појавување на болеста, што се случува кај 20 до 50 проценти од пациентите.
Иако ова истражување се фокусира на рак на бубрег, ако вакцината се покаже како ефикасна во понатамошните студии, може да послужи како модел за развој на слични вакцини за други видови рак.
Како функционира вакцината?
Фазата 1 од клиничките испитувања имала за цел да ја оцени безбедноста на вакцината и како ја поднесуваат пациентите. Сите девет пациенти што ја примиле вакцината немале повторна појава на ракот по три години.
Ракот на бубрег е седмиот најчест вид рак кај мажите и десетти најчест кај жените. Само околу 10-15 проценти од пациентите со доцен стадиум на ccRCC преживуваат повеќе од пет години.
Во студијата сите девет пациенти примиле по седум дози од вакцината – пет во почетната фаза и две како засилување.
Четири пациенти примиле само вакцина, додека останатите пет примиле и ниски дози од имунотерапевтскиот лек ипилимумаб, со цел да се процени дали вакцината функционира самостојно без дополнителна имунотерапија.
Додавањето на ниски дози ипилимумаб им помогнало на истражувачите да проверат дали оваа терапија може да ја засили ефикасноста на вакцината.
Седум пациенти биле со стадиум три на болеста, а двајца со стадиум четири. Сите девет пациенти имале имунолошки одговор на вакцината, што значи дека нивниот имунитет бил активиран против ракот.
Имунолошкиот систем успеал да препознае и да одговори на 65 проценти од мутациите што го предизвикуваат ракот во туморите на пациентите.
Како е создадена вакцината?
Вакцината користи мали протеински фрагменти (неоантигени), кои го имитираат ракот, овозможувајќи му на имунолошкиот систем да ги препознае и уништи клетките на ракот.
Истражувачите прво ја анализирале генетиката на туморите на секој пациент за да ги идентификуваат специфичните протеини. Потоа, во лабораторија биле синтетизирани пептиди што можат да ги препознаат тие протеини и биле комбинирани во вакцина.
Пациентите што примиле само вакцина и оние што примиле и имунотерапија имале исти позитивни резултати. Ниту еден од нив не пријавил сериозни несакани ефекти, освен симптоми слични на грип по вакцинирањето.
Д-р Браун изјави: „Овој силен и траен имунолошки одговор кај Т-клетките е многу охрабрувачки и покажува дека успеавме да создадеме долготрајна антиканцерогена реакција со вакцината“.
Наодите од студијата се објавени во научното списание Nature.
За целосно да се оцени ефикасноста на вакцината, потребни се дополнителни испитувања со поголем број пациенти.
Во тек е фаза 2 од клиничките испитувања, во која слична вакцина ќе се комбинира со терапијата Keytruda (пембролизумаб).
Иако првичните резултати не се дефинитивни, тие се голем напредок во онкологијата, која досега се соочуваше со тешкотии во создавањето вакцини што можат да ги таргетираат различните видови рак и да спречат клетките на ракот да го избегнат имунолошкиот систем.
Коментирај анонимно