„Никој не знае дека сум половина Македонец“: Светски познатиот Мат Киатипис откри кои се неговите македонски корени
Името на Мат Киатипис во последните години стана добро познато меѓу љубителите на уличната кошарка ширум светот. Со својот агресивен, драматичен и препознатлив стил на игра, тој успеа класичните „1 на 1“ дуели да ги претвори во вистинско спортско шоу кое го следат милиони луѓе на социјалните мрежи.

Киатипис патува низ различни земји, каде предизвикува локални кошаркари на дуели, а снимките ги објавува на Тикток, Инстаграм и Јутјуб. Неговата амбиција е „1 на 1“ кошарката да добие уште поголема популарност и да прерасне во глобален спортски формат. Во 2024 година се пријавил и за НБА-драфтот, но не бил избран.
Македонија му приреди пречек што ќе го памети

Деновиве Киатипис пристигна и во Македонија, каде настапи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, како и во Куманово. Настаните привлекоа бројна публика, а самиот кошаркар не го криеше воодушевувањето од атмосферата.

„Досега сум посетил 50 земји, но искрено денеска беше највпечатливиот настан за мене и мојата кариера. Успеавме да ги срушиме бариерите за регуларниот уличен баскет и да покажеме дека прекрасниот натпревар ‘1 на 1’ е професионална арена. Да се направи ова во земја надвор од Америка е голем успех. Од дното на срцето сакам да му се заблагодарам на Скопје, ќе се вратам!“, напиша тој.

Но, неговата посета на Македонија не била само уште една станица на светската турнеја.
„Мојата баба е Тасевска, а дедо ми Ристовски“
За Киатипис е познато дека има грчко потекло и дека живее во Канада, но за време на престојот во Македонија откри нешто што голем дел од неговата публика досега не го знаела – дека од страната на неговата мајка има македонски корени.
„Никој не знае дека сум половина Македонец. Мојата баба Нада се презива Тасевска, а дедо ми Ристовски“,** изјави Киатипис во разговор со јутјуберот Лазаров.
Токму затоа доаѓањето во Македонија за него имало и посебно емотивно значење.

„Сакам да бидеме на чисто дека овде, освен што сакам да направам искуство, посебно е чувството да бидам од кај што се моите корени. Мојот татко е од Лерин, но конечно дојде ред да ги видам моите корени и од страната на мојата мајка“,** додаде тој.
Киатипис не штедеше пофалби ниту за Македонија и македонската кујна. Раскажа дека како дете едно од омилените јадења му било тавче гравче, а денес, покрај храната, открил уште еден македонски „специјалитет“ што особено му се допаѓа – ракијата.
Така, посетата која требаше да биде уште една станица на неговата кошаркарска турнеја, за Киатипис се претвори и во своевидно враќање кон семејните корени.

Коментирај анонимно