Нова фотографија од Европската вселенска агенција: Стотици црни „пајаци“ забележани на Марс

Секоја пролет, на Марс се појавуваат морничави „пајаци“. Но, пред да се исплашите еве за што всушност станува збор – фотографијата од Европската вселенска агенција всушност го покажува сезонското ослободување на јаглерод диоксид на Црвената планета.

 

Темните формации беа забележани во формација позната како „Градот на Инките“ во јужниот поларен регион на планетата. Сликите направени од станицата Mars Express и вселенското летало ExoMars Trace Gas Orbiter покажуваат кластери од темни точки со мали шепи.

Овие формации се гасни канали со дијаметар од 45 метри до 1 километар. Тие се појавуваат во пролет кога се топат слоеви мраз што се состојат од јаглерод диоксид. Под влијание на топлина, долните слоеви на мраз се претвораат во гас, односно сублимираат. Гасот, заситен со темна прашина, се шири и се крева, а потоа избива. На некои места ваквите гејзери пробиваат мраз со дебелина до 1 m.

 

„Градот на Инките“ е познат и како Angustus Labyrinthus. Именуван е по неговите линеарни сртови слични на урнатини за кои некогаш се мислеше дека се фосилизирани песочни дини. Меѓутоа, во 2002 година, Орбитерот на Марс покажа дека „градот“ е дел од кружен објект со дијаметар од околу 86 km. Ова би можело да биде древен ударен кратер, а геометриските гребени би можеле да бидат магматски упади што се издигнале низ пукнатините по ударот на астероидот. Кратерот потоа се наполнил со талог, кој последователно еродирал, делумно изложувајќи ги магматските формации кои личат на антички урнатини.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *