Нова надеж за загрозените видови! Истражување откри добри вести за „големите мачки“

Во дивината живеат 40% повеќе тигри отколку што се мислеше, покажа новото истражување.

Проценката на популацијата на загрозените видови покажа дека има меѓу 3.726 и 5.578 тигри кои живеат во дивината ширум светот – огромен скок од статистиката направена во 2015 година.

Проценката, спроведена од Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), користеше подобрен метод за следење на животните. Се смета дека голем дел од зголемувањето на пријавените бројки се должи на овој попрецизен и поефикасен метод.

Лук Хантер, извршен директор на програмата за големи мачки на Здружението за зачувување на дивиот свет (WCS), изјави за NPR дека владите ги „поместиле небото и земјата“ за да спроведат истражувања во „масовни размери“.

Тој додаде дека зголемувањето на бројот на тигри може да се објасни и со зголемените напори за зачувување што ги прават владите во земјите во кои живеат.

Иако статистиката е добредојдена од експертите за дивиот свет и љубителите на тигрите, големите мачки сè уште се сметаат за загрозени и остануваат на Црвената листа на загрозени видови на IUCN.

Организацијата соопшти дека главна закана за овој вид се ловокрадците, кои самите ги ловат тигрите, како и нивниот плен.

Друга огромна закана за опстанокот на тигрите е уништувањето на нивното природно живеалиште, поради земјоделската индустрија и човечкото населување.

Г-дин Хантер рече дека наодите како овие покажуваат дека интервенциите за зачувување можат да помогнат за опоравување на загрозените видови.

Светскиот фонд за дивиот свет, исто така, соопшти дека популацијата на диви тигри се подобрува во живеалиштата во Индија, Непал, Бутан, Русија и Кина.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *