Облеков фустан од само 36 долари од супермаркет и отидов на гламурозни настани во Њујорк: Реакциите ме шокираа!
Полноќ е во ексклузивниот приватен клуб „Крејн клуб“ (Crane Club) во Менхетен и речиси секој разговор, наместо кон гостите и парите, се врти кон едно парче облека.
Таму има доволно други теми: годишната членарина од 5.000 долари, младите ѕвезди од хит серијата „Adults“ што седат во ќошот, па дури и неуспешните обиди на постарите гости да започнат разговор со познатите модни манекенки во сепарето.
Но, погледите повторно се враќаат кон макси-моделот без ракави, со контрастни ретро принтови на двете страни, како некој да украл платно од музејот МоМА и да го преклопил на половина околу моето тело.
„Дали е ова винтиџ Прада?“, ме прашува ветеранка од модните писти додека го делиме мијалникот во тоалетот. „Дрис ван Нотен?“, погодува еден директор на маркетинг агенција на шанкот. „Миу Миу?“, се прашува моја пријателка пред да посегне по моите помфритчиња.
Вистината е многу помалку гламурозна: фустанот е купен преку интернет од супермаркет, со бесплатна брза испорака преку ноќ, заедно со она познато притаено чувство дека некако успевам да „измамам“ цел систем.

Содржина:
- „Фала ти, од супермаркет ми е!“ почна да одекнува и низ редакцијата на „Њујорк пост“
- Еустачевич дојде во сатен од „Scoop“, а приходите од онлајн платформата скокнаа за 40 отсто
- Грејс Кодингтон кимна, па фустанот од „Free Assembly“ заврши во „Крејн клуб“
- До Баскија од 5 милиони долари и коктелот на „Theory“, чизмите од 50 долари осум пати го запреа разговорот
„Фала ти, од супермаркет ми е!“ почна да одекнува и низ редакцијата на „Њујорк пост“
Ако навистина постои некаква модна измама, тогаш не сум сама во неа. На Инстаграм, жени од Калифорнија, Оклахома и Њу Хемпшир гордо ги покажуваат своите комбинации купени од истиот масовен синџир.
Фармерките од брендот „Scoop“ имаат илјадници позитивни рецензии од задоволни купувачи, повеќе дури и од популарната електроника на сајтот. Во редакцијата, комплиментите почнаа да завршуваат со добро познатата реплика: „Фала ти, од супермаркет ми е!“.
Овој пресврт не се случил случајно. Во 2017 година компанијата ја ангажираше Дениз Инкандела, поранешна директорка во луксузната стоковна куќа „Сакс Петта авенија“ (Saks Fifth Avenue), со задача местото каде што вообичаено купувате кафе-патрони и детергент да го претвори во центар за лесен, впечатлив и достапен стил.
Четири години подоцна пристигна и познатиот тексашки моден дизајнер Брендон Максвел, за кого во модните кругови се зборува дека е можен наследник на Ралф Лорен. Тој стана креативен директор на две ексклузивни интерни модни линии: „Free Assembly“ и „Scoop“.
Веќе во 2023 година, главната уредничка во „Њујорк пост“, Лиа Еустачевич, почна да забележува инфлуенсери на Инстаграм кои носат изненадувачки елегантни парчиња од супермаркетот. Потоа и самата почна да нарачува облека преку интернет и да собира комплименти од колегите.
ѓ
Еустачевич дојде во сатен од „Scoop“, а приходите од онлајн платформата скокнаа за 40 отсто

На еден неодамнешен работен ден, таа се појави во канцеларија во сатенско здолниште во боја на слонова коска и соодветна блуза од брендот „Scoop“, комбинирани со куса црна кожна јакна. Не е единствената професионалка што ја граба оваа облека кога ќе се појави можност.
Во февруари, компанијата објави раст од 40 отсто на приходите од својата онлајн платформа, во голем дел потпрени токму на модата и додатоците. Растот доаѓа од домаќинства со годишни приходи од 100.000 долари или повеќе.
Тоа значи дека и жени кои можат да купуваат на далеку поскапи места денес свесно избираат супермаркетски парчиња за своите гардеробери.
Прашањето останува практично: дали ова е паметен потег за модерните жени или само начин да фрлите 60 долари во ветар со оптимистичко кликање на копчето „додај во кошничка“? За да дознаам, нарачав девет парчиња облека со цени од 12 до 67 долари.

Грејс Кодингтон кимна, па фустанот од „Free Assembly“ заврши во „Крејн клуб“

Прв на ред беше моделот „Free Assembly Twist Front“, кој чинеше 36 долари кога го купив, а потоа беше намален на само 12,60 долари. На веб-страницата беше стилизиран со чанта „Диор“ и високи потпетици, но јас го комбинирав со двобојни чизми од 50 долари од линијата „Scoop“.
Принтот силно потсетува на актуелните дизајни од модните писти на „Прада“ и „Дрис ван Нотен“, па не е чудно што го забележаа модни познавачи. Дури и легендарната уредничка на „Вог“, Грејс Кодингтон, кимна со одобрување кога ѝ го покажав на промоција на книга во Вест Вилиџ: „Оди на вистинска забава во тој фустан!“, ми порача таа.
Така се упатив во приватниот клуб. Фустанот се закопчуваше совршено, иако машните на рамениците се зашиени, па ширината на деколтето не може да се приспособува.
Следниот тест беше темносино сако од 42 долари со месингани копчиња, носено со стари фармерки од истиот бренд и истите чизми. Во канцеларијата добив бројни пофалби. Кројот беше беспрекорен, создаваше илузија на повисока половина и совршено паѓаше на рамениците, но материјалот под светлата малку потсетуваше на полиестер. На фотографиите, сепак, изгледаше феноменално.
До Баскија од 5 милиони долари и коктелот на „Theory“, чизмите од 50 долари осум пати го запреа разговорот
Потоа го испробав макси-фустанот од тежок тексас од 40 долари со црни точки. Над него облеков кариран капут од 67 долари што изгледаше како омилено топло ќебе изработено од врвен италијански кројач.
Во тој аутфит заминав на отворање изложба во престижната аукциска куќа „Кристис“ (Christie’s), каде што врвни колекционери разгледуваа слики од Баскија вредни 5 милиони долари, додека јас стоев во облека што обично се продава веднаш до евтини куфери на попуст.

И покрај тој контраст, добив прекрасни комплименти од повозрасни љубителки на уметноста, облечени од глава до петици во црна „Прада“ и винтиџ „Гучи“ од ерата на Том Форд. Кога дознаа од каде е облеката, една жена во палто од „Шанел“ ми рече: „Секоја чест, прекрасно изгледаш!“, пред да замине да остави депозит за слика од Де Кунинг.
За последниот моден експеримент, ги облеков истите чизми со винтиџ црн фустан на празничниот коктел на брендот „Theory“ во Њујоршката јавна библиотека. Салата вриеше од модни уредници, инфлуенсери, главниот дизајнер на женска облека Душан Нобл, па дури и маркетинг тимот што стои зад Ријана и Сабрина Карпентер.
Најмалку осум пати ме запреа гости кои сакаа да знаат повеќе за моите чизми, опишувајќи ги како „кул“, „шик“ и „апсолутно прекрасни“. Тоа беа луѓе облечени од глава до петици во најскапи светски брендови.
„Фала ви“, се насмевнав. „Од супермаркет се!“.



Коментирај анонимно