Од покана за венчавка до работ на Данкин: Александар од Скопје ни раскажа за неговата соло авантура низ суровите рурални предели на магичната Ирска

Авантурите се нешто за кои сите сонуваат, а најхрабрите и упорните си ги остваруваат. Дали би се впуштиле во авантура во дивината на непозната држава, сосема сами? Додека вие размислувате кој би бил вашиот одговор, Александар од Скопје ќе ви ја раскаже неговата возбудлива приказна, а исто така подоле ве очекува неверојатно видео кое за скоро две минути ќе ве однесе на патување низ најспектакуларните локации во Ирска.

Александар Алексовски (Автор на фотографијата: Петар Тутунџиев)

Александар Алексовски или попознат на социјалните мрежи како @a.aleksovski се занимава со фотографија веќе подолг период и ја смета за негово „сериозно хоби“, кое според фотографиите кои ги прави целосно го исполнува. На неговиот Инстаграм профил можете да видите многу фотографии од природните убавини на Македонија, а една покана за венчавка го однесе на сосема нова и возбудлива локација. Спиење во автомобил, нескротливи сурови временски услови и за други згоди и незгоди ќе ни раскаже самиот тој.

Во кој момент одлучи „обичното“ патување на венчавка да го претвориш во соло авантура низ руралните предели на Ирска?

Dunquin Pier

Во истиот момент кога дознав дека ќе одам на свадба во Ирска 😀 . Единствено нешто што беше неизвесно е дали ќе ја добијам визата за патување или не. Два месеци пред свадбата ја припремав потребната документација и кога ми ја одобрија визата, одвоив цели две недели пред патувањето само на планирање кои места сакам да ги посетам и која е оптималната рута до сите нив.

Што најмногу те плашеше во моментите пред да одлучиш да го преземеш овој чекор?

Прво на листата беше дали ќе ја добијам визата и дали тоа ќе биде навремено за свадбата, бидејќи имаше премногу процедури што требаше да се завршат за краток временски период.

Rock of Cashel

Втората работа беше изборот на превозно средство со кое ќе ги посетам сите испланирани места, бидејќи ги имаше поприлично многу. Покрај тоа што во Ирска се вози на левата страна и е спротивно на возењето од Македонија, се решив да изнајмам кола за да можам да ги посетам сите испланирани локации.

Нормално следната грижа беше дали ќе успеам сам да се прилагодам на сообраќајот и се разбира дека нема да ја оштетам изнајмената кола. Кога ќе размислам имаше доста работи што ме загрижуваа 😀 , но не дозволив да ме отргнат од првичната замисла.

Како течеше организацијата, односно што е потребно да направи една личност доколку сака сама да се впушти во непознатото?

Потребно е да се земат во предвид можните околности и ситуации во кои ќе се најде личноста на тоа патување и соодветно да се припреми за истите. Знаејќи дека Ирска има динамични временски услови земав соодветна облека која ќе ме заштити од силниот ветер и влажните услови.

Killarney National Park

Во поглед на сместување имав камперска опрема и планирав да кампувам во одредени кампови. Но за моја несреќа камповите сѐ уште не беа отворени и морав да импровизирам првата ноќ и да преспијам во кола 😀 .

Што се однесува за наредните денови решив да резервирам сместување преку букинг и купив поголемо количество на храна од маркет за да не застанувам попатно и да губам од ограниченото време што го имав на располагање.

За навигирање до местата за среќа колата имаше GPS навигација и лесно можев да ги пронајдам посакуваните места. Веќе втората недела купив и сим картичка со интернет која што многу ми помогна при навигирањето во руралните предели, каде што морав и пеш да се движам за да стигнам до нив.

Кое место ти разбуди најмногу емоции и зошто?

Great Pollet Sea Arch

Да бидам искрен сите места ми разбудија различен вид на емоции, бидејќи се уникатни на свој посебен начин. Дел од нив се Cliffs of Moher, карпи кои се издигнуваат и до 214 метри над Атлантскиот Океан и не се за тие со страв од висина, пристаништето Dunquin кое нуди филмски сцени со кривините на патот кој што води до пристаништето каде хоризонтот се отвара со поглед кон Атлантикот. Fanad head светилникот позициониран на самиот раб од карпите кој го осветлува крајбрежјето навечер, Killarney националниот парк кој што изобилува со безброј природни убавини, Great Pollet Sea Arch формација од карпи во форма на триумфална арка внатре во Атлантикот, замокот Blarney со големото пространство на цвеќиња и огромна градина како и многу други прекрасни места.

Раскажи ни за „непријатните случки“ кои те снајдоа на ова патување.

Една од најнепријатните случки беше за време на посетата на Fanad Head светилникот. Застанав на карпата пред самиот светилник и почнав да фотографирам. Во еден момент одлучив дека сакам да направам тајмлајпс со светилникот и интересните облаци што се движеа над него. Го поставив фотоапаратот да слика триесетина минути на трипод и се придвижив во околината да разгледам локација за следниот кадар од каде би сликал. Поминаа неколку минути од моето скаутирање во околината и тогаш  приметив дека почна да дува посилен ветер од претходно.

Fanad Head Lighthouse

Се свртев накај фотоапаратот и си реков подобро да се вратам кај него бидејќи би можел ветерот да го бутне. Не поминаа ниту две секунди откако тргнав накај него и во тој момент видов како наеднаш почнува да паѓа надоле од карпата накај океанот заедно со триподот. Тука срцето ми застана и почнав да трчам надоле по карпите за да видам дали има останато нешто од него.

За среќа се немаше стркалано целосно доле во океанот, но за несреќа објективот беше оштетен и не можев да го поместам прстенот за зумирање. Во тој момент првата помисла ми беше дека дојде крајот на моето патувањето после само три четири дена поминати во Ирска и почнав да размислувам како ќе се враќам назад во Македонија. Но некако успеав со малку сила да го наместам назад прстенот за зумирање и веднаш пробав да видам дали ќе можам да фотографирам со него. За среќа сé беше функционално и патешествието можеше да продолжи понатака.

Во вакви ситуации секогаш има и доза на хумор, дали ти имаше некое вакво искуство за време на патувањето низ Ирска?

Имав неколку такви ситуации од кои едната беше во Даблин за време на сликање на светилникот Baily. Уште ноќта во 3 часот после полноќ се упатив кон светилникот, за да можам да ги сликам зраците светлина од светилникот. Бидејќи ноќта беше многу ладно целиот бев облечен во топла облека и само очите ми се гледаа. Бев позициониран на самата ивица од брегот помеѓу грмушки и тука ја поминав ноќта во сликање. Кога веќе почна да се разденува ја собрав опремата и се упатив накај земјената патека да се вратам назад накај колата. Како што излегував од грмушките со огромна опрема на мене и само очите како видлив дел од мене, наидов на пар кој што си седеше на клупа, беа прегрнати и покриени со ќебе. Кога ме видоа се запрепастија и престанаа да прават било какви движења. Мене ми стана многу смешно и сакав да се зезам со нив да направам некое нагло движење или да испуштам некој гласен звук за да видам како ќе изреагираат 😀 , но сепак на крај само ги одминав и ги оставив на раат да го дочекаат изгрејсонцето.

Кога би можел уште утре да ја посетиш омилената дестинација за фотографирање, која би била таа и зошто?

Една од омилените дестинации која што ми е на врвот на списокот за посетување дефинитивно е Патагонија. Регион во Јужна Америка кој се простира на територија на Аргентина и Чиле, каде што планините Анди претставуваат нејзина линија на поделба. На Аргентинската страна има суви степи, пасишта и пустини, додека на Чилеанската има глацијални фјордови и умерени дождовни шуми. Уникатно место на кое би сакал со денови само да истражувам и да фотографирам.

Што сакаш најмногу да доловиш со твоите фотографии, односно како го гледаш светот низ фотографијата?

Низ фотографијата сакам да постигнам кохезија на моите емоции и убавините на природата. Да создадам свет во кој што секој ќе може да избега со својата имагинација и на момент да заборави на сé. Да нурне длабоко во тој универзум и да дозволи љубопитноста да го води до желба и самиот тој да почне да ги истражува природните убавини.

Дали би променил нешто за време на твоето патување низ Ирска и ако да, што би било тоа?

Downpatrick Head⁣

Доколку би можел единствено нешто што би променил би било паѓањето на фотоапаратот 😀 . Покрај тоа ништо друго не би променил. Запознав многу гостопримливи луѓе, фотографи кои што ја делат мојата пасија, истражив прекрасни места што оставаат без здив со својата убавина и сирова природа. Се вратив назад во Македонија физички истоштен, но душевно исполнет и збогатен со нови искуства и авантури од новопосетените места.

Доколку сакате да дознаете повеќе за авантурите на Александар, заследете го на неговиот Инстаграм профил @a.aleksovski. 

  • Darko Ch напиша:

    Osven toa sto za brzo ja sovlada tehnikata, i sega e odlicen landscape fotograf, e prekrasna licnost ,prizemen, realen , i igra dobro odbjka toa mora nekogas da go spomne vo intervjuata. Pozdrav

  • Александар напиша:

    Фала ти пуно Даре што ме пофали вака јавно😀😂 А за одбојка секогаш расположен😂🤣

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *