Она што за другите е отпад, за Мирослав е инспирација: Има колекција од 150 стари столици на кои им вдахнал нов живот

Додека повеќето луѓе старите и истрошени столици ги оставаат покрај контејнерите без двоумење, за Мирослав Белцар од градот Иванец во Хрватска, тие претставуваат вистинско историско и естетско богатство.
Тој е основач на културно-едукативниот проект „Сметњак“ (Smetnjak / Junk Yard), преку кој во изминатите десетина години спасил и оживеал над 150 стари столици, фотелји и наслонувачи кои биле осудени на пропаст.

 

Од бабината фотелја до шиење од шест попладне до шест наутро

Неговата необична страст започнала сосема случајно, од старата фотелја што ја наследил од својата баба. Бидејќи имала огромна емотивна вредност, посакал да ја обнови, но кога контактирал тапацитер, цената била превисока.
Мајсторот со потсмев му рекол дека нема теорија самиот да успее да ја поправи. Воден од инает и носталгија, Мирослав ја избрусил фотелјата, седнал да шие и ја завршил следното утро.
Резултатот бил извонреден – и тоа било искрата што го запалила неговото долгогодишно патување.

На почетокот ѕиркал по дворови, тавани, визби, напуштени објекти и отпади

Оттогаш наваму, тој постојано трага по заборавени парчиња со карактер и приказна. Денес луѓето често и самите му се јавуваат за да му понудат стари предмети.
Особено го фасцинира југословенскиот индустриски дизајн од втората половина на дваесеттиот век, односно парчињата изработени во некогаш познатите фабрики како „Флоријан Бобиќ“, „Шавриќ“, „Јадран“, „Ориолик“, „Стол Камник“, „Мебло“ и „Твин Вировитица“.
Името на проектот – „Сметњак“ – го одбрал намерно, без убави еуфемизми или помодарски термини за „винтиџ луксуз“. Сакал името да звучи сурово и провокативно, затоа што сите тие парчиња некој навистина ги наменил за сметлиште, иако тие во суштина воопшто не биле за фрлање.

Во „Ноќ на музеите“ во Иванец биле изложени 80 реставрирани парчиња мебел

Мирослав објаснува дека тајната на добрата столица лежи во цврстата дрвена конструкција, правилните пропорции и удобноста – спротивно од денешното масовно производство на евтин, лесно заменлив и брз мебел.
Самиот процес на реставрација бара огромно трпение. Вклучува комплетно расклопување, отстранување на старите распаднати материјали, чистење, темелно брусење, зацврстување на дрвото, поставување нови затегнувачки ленти, заштитно боење и на крај прецизно тапацирање.

Сепак, за Мирослав највозбудливиот дел честопати е историското истражување: откривањето на авторот на дизајнот, времето на производство и просториите – канцеларии, болници или училишта – во кои тој предмет служел со децении.
Круна на неговата досегашна посветеност беше големата изложба „Колекција Сметњак“, организирана во Музејот на планинарството во Иванец во рамките на манифестацијата „Ноќ на музеите“. Проектот во меѓувреме оствари соработки со студенти по дизајн и беше претставен на повеќе реномирани фестивали.
Главната порака на Мирослав е едноставна, но исклучително важна: како општество премногу брзо одлучуваме што е ѓубре само затоа што не е во мода, заборавајќи дека поправката и зачувувањето на предметите се темел на вистинската одржливост и почит кон минатото.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *