Оваа анимација е стара 9 години, но денес е пореална од кога било: Колку далеку трчаме за да ја стигнеме „среќата“?

Анимацијата што повторно кружи на социјалните мрежи не е нова. Станува збор за краткиот анимиран филм „Happiness“ („Среќа“) од 2017 година, дело на британскиот илустратор и аниматор Стив Катс. Филмот трае нешто повеќе од четири минути, а самиот автор го опишува како приказна за непрестајната потрага на еден глодар по среќа и исполнетост.

 

Наместо луѓе, Катс користи стаорци и преку нив ја прикажува добро познатата „трка на стаорци“ на современиот човек. Преполн јавен превоз, работа, реклами, шопинг, скапи автомобили, алкохол, пари – ликовите постојано трчаат по нешто ново убедени дека токму следната работа конечно ќе ги направи среќни. Но задоволството трае кратко и трката почнува одново.

На тој начин анимацијата е остра сатира на потрошувачкото општество и идејата дека среќата може да се купи. Колку повеќе ликовите се обидуваат да ја достигнат, толку подлабоко заглавуваат во истиот круг. На крајот метафората станува буквална – потрагата по пари се претвора во стапица.

Иако е создадена пред речиси девет години, пораката на „Happiness“ денес звучи можеби уште поактуелно. Филмот доби и значајни признанија: во 2018 година беше дел од натпреварувачката програма на престижниот фестивал за анимација во Анеси, каде ја освои наградата CANAL+ Creative Aid, а истата година освои и Webby Award во категоријата за анимација.

Без ниту еден изговорен збор, Катс поставува едно едноставно прашање: дали навистина трчаме по среќата или само по она што некој нè убедил дека треба да нè направи среќни?

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *