Парите ќе легнуваат на сметка и во недела и на празник – Македонија се приклучува кон системот на инстант плаќања
Македонија и официјално се приклучува кон регионалната платформа за инстант плаќања, со која граѓаните и бизнисите ќе можат да префрлаат пари за само неколку секунди, во кое било време од денот и ноќта.
Системот ќе работи 24 часа на ден, седум дена во неделата, вклучително и за време на викенди и државни празници. Сега парите ќе легнуваат веднаш, само уште да се најде јунак што редовно ќе ни ги праќа на сметка!

Содржина:
Во седиштето на Банката на Италија во Рим беше одбележан крајот на сложениот процес
Завршувањето на комплексниот процес за воспоставување на регионалната платформа беше свечено одбележано во Рим, во седиштето на Банката на Италија.
На настанот, гувернерот на Народната банка на Македонија, д-р Трајко Славески, се обрати заедно со италијанскиот гувернер Фабио Панета и гувернерите на централните банки од земјите од Западен Балкан.
Новата платежна инфраструктура е изградена по моделот на европската платформа ТИПС (TARGET Instant Payment Settlement), а во нејзината изградба директно учествуваа пет централни банки од регионот.
Крај за чекањето од петок попладне до по празничен викенд
Системот овозможува парите испратени од една на друга банкарска сметка да бидат достапни кај примачот буквално за неколку секунди.
Со тоа се става крај на повеќедневните чекања кога плаќањето се врши во петок попладне или пред продолжен празничен викенд.
Гувернерот Славески оцени дека ова претставува исклучително значаен чекор кон целосно усогласување на домашниот платен систем со европските стандарди. Новата технологија треба драматично да ја забрза трговијата и економските текови, бидејќи компаниите и граѓаните повеќе нема да бидат ограничени од шалтерското работно време на деловните банки.

Шестпати пониски трошоци за граѓаните и над пет милиони евра заштеда во првата година
Покрај брзината, огромна придобивка ќе биде и драстичното намалување на банкарските провизии.
Гувернерот посочи дека со неодамнешното приклучување кон СЕПА платната зона, трошоците за прекуграничните плаќања во евра веќе бележат сериозен пад: надоместоците се дури шестпати пониски за граѓаните и деветпати пониски за бизнис секторот, а проценетата директна заштеда за македонската економија во првата година надминува пет милиони евра.
Според плановите на Народната банка, врз оваа модерна инфраструктура ќе се развиваат и дополнителни дигитални решенија кои ќе им овозможат на малите трговци и дуќанџии едноставно и евтино да прифаќаат инстант безготовински плаќања преку мобилен телефон или QR-код.
Останува само уште да има доволно прилив на сметките, за да може народот максимално да ја тестира брзината на новиот систем.

Коментирај анонимно