Плажа на Сардинија забрани чадори за лица на возраст од 10 до 65 години
На Пунта Молентис во Виласимиус, на југоисточниот брег на Сардинија, локалните власти воведоа нови правила за да ја заштитат недопрената животна средина на плажата. Посетителите треба да платат 10 евра за влез на јавната плажа, а право да постават само еден чадор имаат семејствата со деца под 10 години и лицата над 65 години. Мерката е дел од поширока иницијатива за зачувување на природната убавина на ова заштитено подрачје, но веднаш стана нова точка на препирање во долготрајните спорови околу плажите во Италија.

Содржина:
„Треба да изнајмам дете за да поставам чадор на плажа?“
Забраната не беше добро прифатена од посетителите. На интернет предизвика неверување, зачуденост и загриженост за ризиците од рак на кожата или топлотен удар. – Треба да изнајмам дете за да поставам чадор на плажа? – прашува еден фејсбук-корисник, додека друг се пошегува дека за да дојде на плажа, ќе си го земе својот дедо. Некои повикаа на бојкот на Пунта Молентис, а други рекоа дека едноставно ќе одат на плажа каде што ќе можат безбедно да се заштитат од сонцето.

По пожарот од минатиот јули, правилата остануваат до крајот на октомври
Пунта Молентис повторно се отвора откако беше затворена минатиот јули по разорниот шумски пожар подметнат од пиромани. Советот на Виласимиус соопшти дека пожарот и исклучителните морски временски настани го поттикнале да воведе построги правила. – Поради оваа причина, неопходно е да се ограничи човечкото влијание и да се обезбеди заштита на ова наследство за идните генерации – наведува советот во соопштението. На луѓето им е забрането и да поставуваат павилјони, шатори или други форми на заштита од сонце.

Во Јесоло се кратат 20.000 места, додека приватните чадори поскапеле 24 отсто
Во близина на Венеција, на плажата Јесоло, властите го намалија бројот на места за лежалки и чадори за 20.000, со цел да создадат повеќе простор меѓу посетителите. Јавните плажи во Италија честопати се преполни, особено поради зголемените трошоци за изнајмување лежалки во приватните клубови на плажа. Според неодамнешните податоци на најголемата италијанска организација за заштита на потрошувачите, „Алтроконсумо“, просечната цена за изнајмување две лежалки и еден чадор на приватна концесија е зголемена за 24 отсто во последните пет години, а за 6 отсто само во изминатата година. Затоа многу Италијанци ги избегнуваат клубовите на плажа, додека протестите со кои се бараат повеќе слободни плажи се засилија во последните години.

Коментирај анонимно