По 20 години работа како наставничка по ликовно, го напуштила образованието за да вози камион: Во својот аудиодневник открива зошто
Џоан Крос поминала цели две децении како посветена наставничка по ликовно образование во регионот Лејкс во Њу Хемпшир, САД. Но, по драстичното влошување на однесувањето кај учениците и секојдневните исцрпувачки предизвици во образовниот систем, таа донела радикална животна одлука: да даде отказ од училиштето и да стане професионален возач на комерцијален камион.
За време на најтешките месеци од својата кариера, Крос редовно ги снимала своите чувства, дилеми и искуства во личен аудиодневник. „Ми беше многу полесно да снимам гласовни пораки и записи наместо да пишувам во тетратка“, сподели таа во емотивно интервју за Јавното радио на Њу Хемпшир (NHPR).

„Имам магистерска диплома, го работам ова 20 години и денес веќе не ја препознавам сопствената професија“
Во еден од највпечатливите аудиозаписи, Крос искрено зборува за колапсот на образовната професија: „Потрошив илјадници долари и илјадници часови за да се едуцирам. Имам магистерска диплома, го работам ова 20 години и денес веќе не ја препознавам сопствената професија. Социјалното и емоционалното ниво на овие ученици стана непрепознатливо“.
Таа нагласува дека по пандемијата на ковид-19, проблемите со однесувањето во училницата ескалирале до степен на тотален хаос. „Јас не сум училишен советник ниту психолог, а чувствував дека токму такви вештини ми се неопходни само за да го преживеам училишниот ден, наместо едноставно да предавам ликовно. Децата имаа тешки емоционални испади, плачеа, ржеа кон мене, кршеа простории и превртуваа маси, а јас немав алатки ниту поддршка да им помогнам“, раскажува Крос.
Во 2022 положила за ЦДЛ, во јуни 2023 се простила со училиштето
Покрај однесувањето на учениците, пресуден фактор за напуштање на образованието биле и финансиите и огромната административна работа што паѓа врз плеќите на наставниците. „Платите воопшто не ги следат животните трошоци. Секогаш кога ќе дојдеше време за буџет, барав асистент за канцелариската работа, за мејловите и за поставување на изложбите, бидејќи администрацијата целосно го задуши предавањето“, додава таа.
Наместо да чека промени од системот, Крос ги зела работите во свои раце. Уште во 2022 година се запишала на обука и положила за комерцијална возачка дозвола (ЦДЛ) за тешки камиони и автобуси, инспирирана од нејзиниот татко, пензиониран пожарникар, со кого уште од детството обожавала да се вози во големи камиони.
Во јуни 2023 година официјално се простила со училиштето, по што започнала да вози за локалниот јавен превоз и комерцијални товарни линии. За неа, возењето претставува директно продолжување на желбата да ѝ служи на заедницата, но овојпат во средина каде што безбедноста и мирот се ставени на прво место, далеку од училишниот стрес и бирократските притисоци.

Коментирај анонимно