По хаосот на „Табановце“, странците сега може со апликација да плаќаат казни од „Безбеден град“
МВР ја стави во функција веб-апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, наменета во оваа фаза само за странски државјани, односно за сопственици и возачи на возила со странски регистарски таблички.
„Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот ’Безбеден град‘, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат“, соопшти МВР.

Содржина:
На 19 и 20 август казните почнаа да се наплаќаат при излез од Македонија
Промената дојде откако на граничниот премин „Табановце“, при излез од државата, МВР почна да им ги наплаќа казните на странските возила за прекршоците што ги уловија камерите од „Безбеден град“.
Тоа создаде хаос на границата. Се формираа колони возила, а патниците чекаа и по неколку часа за да платат казна и да продолжат кон Србија. Најголем дел од странците беа српски туристи кои транзитираа низ Македонија за да стигнат на одмор во Грција.
„Денес поминавме низ овој пекол. Најголемиот проблем е што Македонците имаат само една камера. И затоа сите се слеавме во една колона каде што е таа камера“, гласеше еден од коментарите на српските туристи оставен на социјалните мрежи.
Пасошот се слика или скенира, а потоа се внесува регистрацијата
Апликацијата за проверување и плаќање казни од страна на сопствениците на странски возила е достапна онлајн. Од МВР појаснуваат дека при логирање, возачот треба да ја слика или скенира својата патна исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата што ги користел на територијата на Македонија.
„На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини“, велат од МВР.
Според најавите, во следна фаза апликацијата ќе може да ја користат и други категории корисници.

Од 1 февруари 2026 камерите испраќаат казни, не само известувања
Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година.
Претходно, два месеца траеше тест период, во кој до граѓаните се испраќаа само известувања, без наплата на казни.
На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци:
• непрописно паркирање
• брзо возење
• поминување на црвено светло
• управување со возило со истечена регистрација
Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.
Скопје, Куманово, Тетово и коридорите 8 и 10 се првата мрежа
Меѓу делниците на кои се поставени камери е и автопатот кон Грција. Во оваа фаза, „Безбеден град“ функционира за сообраќајни прекршоци во три града, Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.
Во меѓувреме, камери се набавуваат или поставуваат и во други градови. Целта на надлежните е системот да се воведе на територијата на цела Македонија.
Исто така, се најавува дека ќе се прошири и листата на прекршоци што ќе може да ги регистрираат камерите.

Коментирај анонимно