„Почнавме да заработуваме луди суми“: Брачен пар се збогатил со книга со загатки за убиства што сами ја објавиле на Амазон – а сега и вие можете да се обидете да решите една од нив!

Во ноември 2025 година, во кујната на нивниот скромен дом во близина на Саутпорт, Кевин Фреј миел садови кога неговата сопруга Лиз Блеквел му рекла дека добила генијална идеја. Таа предложила заедно да создадат книга со загатки во која читателот станува детектив, добива список со осомничени за убиство и логички траги што водат кон елиминација на невините.
Насоките звучеле едноставно: „името на убиецот има повеќе од три букви“ или „името на убиецот содржи само две самогласки“. Но тежината била во списокот: точно 46.600 имиња.
„Едноставно помислив дека тоа е крајно необично, откачено и забавно“, вели Блеквел. Таа признава дека верувала оти повеќето луѓе, освен неа и нејзиниот сопруг, веднаш би помислиле: „Зошто за жива глава некој би правел такво нешто?“

„Почнавме да заработуваме луди суми“: Брачен пар се збогатил со книга со загатки за убиства што сами ја објавиле на Амазон

Кевин на осум години изградил дигитализирана сложувалка, Лиз како дете решавала екстремно тешки судоку задачи

За овој брачен пар, смислувањето ваква книга не било случајна игра, туку природно продолжение на животна опсесија со логика. Кевин, кој има 36 години и е поранешен софтверски инженер, уште како мало момче добивал крстозбори исечени од весници од своите баба и дедо. На осумгодишна возраст самиот направил дигитализирана сложувалка со отсечени ќошиња и парчиња што морале да се ротираат.
Лиз, 34-годишна поранешна учителка во основно училиште, како дете решавала екстремно тешки судоку задачи за чиста забава. Кога на училиште добила домашна задача да нацрта бубачка, на наставниците им однела рачно изработен тридимензионален модел од жица.
Тие се запознале преку интернет во 2019 година, почнале да живеат заедно една година подоцна и се венчале минатиот октомври, само во присуство на матичар. Заедно посетиле повеќе од сто соби за бегство и секојдневно уживаат во решавање најразлични загатки.

Кевин на осум години изградил дигитализирана сложувалка, Лиз како дете решавала екстремно тешки судоку задачи

По првата нула, стигнале 181 нарачка и ТикТок ја претворил „Убиецот не е Алис“ во зараза

По вечерта во кујната, Кевин почнал да програмира специјален компјутерски софтвер што ќе ја оживее идејата на Лиз. Работел секоја вечер по завршувањето на редовната работа, додека таа деноноќно ги осмислувала трагите и насоките. Им требал околу еден месец за да ја завршат целата содржина, а потоа посакале да имаат печатен примерок во рацете.
Во февруари ја поставиле книгата на платформата за самостојно издаваштво на Амазон по цена од 12,99 фунти. Процесот бил едноставен: авторот прикачува ПДФ документ, а Амазон печати примероци по нарачка. Книгата ја насловиле „Убиецот не е Алис“ и се потпишале под авторскиот псевдоним Ајрис Старлинг.
„Не очекувавме дека некој воопшто ќе дознае за неа. Не направивме никаков маркетинг ниту профили на социјалните мрежи“, признава Лиз. Сепак, направиле веб-страница на која купувачите можеле да го внесат своето конечно решение за да проверат дали погодиле.
Во првата недела, освен нивната лична нарачка, продажбата била нула. Следната недела, на нивно големо изненадување, пристигнале 181 нарачка. За три недели, љубители на загатки ја купиле книгата и почнале масовно да споделуваат видеа на ТикТок, фалејќи се колку е заразна играта. Видеата станале вирални преку ноќ, бројот на нарачки експлодирал, а до април продале 20.705 примероци.
Според проценките, на просечен читател му се потребни околу две недели ако секојдневно решава по еден час. Набрзо почнале да добиваат илјадници писма од воодушевени читатели од Велика Британија, Јапонија, САД и Филипините. Побарувачката донела и проблеми: се појавиле пиратски копии, некои целосно прекопирани, а други со нивната корица, но со нерешливи загатки внатре, поради што морале да се борат со измамниците.

 

Од самостојно објавена книга до светски бестселер: Најголемите издавачи се бореле за нивната приказна

Набрзо потоа, парот бил контактиран од престижната холивудска агенција ВМЕ, која застапува ѕвезди како Анџелина Џоли, Бен Афлек и Барак Обама. Агенцијата ја понудила книгата на најголемите светски издавачи, по што почнала вистинска војна со наддавање.
„Беше лудо, одеднаш сите издавачи се обидуваа да нè импресионираат нас преку Зум, додека ние седевме во нашата мала соба“, раскажуваат тие.
Во Британија победила издавачката куќа Пингвин, а во Америка Литл Браун. Сумите од продажбата почнале да растат со невидена брзина. Лиз прва дала отказ од училиштето, а веднаш по неа и Кевин го напуштил своето инженерско работно место. Досега продале близу 300.000 примероци и заработиле богатство за кое порано можеле само да сонуваат.
И покрај големите пари, тие живеат скромно. Не го смениле станот, не почнале да се расфрлаат и се консултираат со финансиски советник. „Единствената луксузна промена во животот ни е што најмивме чистачка еднаш неделно, што за нас е неверојатно олеснување“, низ смеа вели Кевин.
Официјално преиздадена од Пингвин, книгата веднаш станала бестселер, надминувајќи ги дури и новите книги на Џејми Оливер. Двојката сега активно работи на продолжението „Убиецот не е Бет“, кое официјално ќе излезе во 2027 година.

Мислите дека можете да го откриете убиецот?

46.600 осомничени, 18 индиции и само еден убиец. Дали имате доволно детективски способности да ја решите мистеријата? Доколку сакате и самите да се обидете, посетете ја официјалната страница на „The Killer Isn’t Alice“, каде што можете да дознаете повеќе за загатката и да ја пронајдете книгата.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *