Последното видео обраќање на Доли Партон, во кое ги известува фановите за својата здравствена состојба

Само неколку месеци пред нејзината смрт, Доли Партон им се обрати на фановите со видео во кое отворено зборуваше за здравствените проблеми со кои се соочува. Легендарната пејачка почина вчера, на 25 август, на 80-годишна возраст.

Во обраќањето, Партон звучеше оптимистички и откри дека добро реагира на терапијата.

„Имам добри вести и малку лоши вести. Добрата вест е дека реагирам многу добро на лековите и терапиите и се подобрувам секој ден“, рече таа.

Сепак, призна дека ќе ѝ биде потребно уште време пред да може да се врати на сцената. Лековите и терапиите ѝ предизвикувале заматеност и вртоглавица, а дури и тогаш не го изгуби препознатливиот хумор.

„Не можам да имам вртоглавица додека носам банџо, гитари и слично на штикли од 12 сантиметри. А знаете дека дефинитивно ќе ги носам“, се пошегува Доли.

Пејачката тогаш откри дека со години имала проблеми со камења во бубрезите, а во последните две до три години ѝ се нарушиле и имунолошкиот и дигестивниот систем. Лекарите работеле на нивно зајакнување, а таа својата состојба ја спореди со стар класичен автомобил на кој му е потребна мала „реставрација“ пред повторно да излезе на пат.

И покрај здравствените проблеми, Партон продолжила да работи на нови песни и проекти. Во видеото зборуваше и за покојниот сопруг Карл Дин, признавајќи дека периодот по неговата смрт бил особено тежок.

„Секогаш ќе го сакам и секогаш ќе ми недостига“, рече таа.

На фановите им се заблагодари за огромната поддршка, пораките, писмата и цвеќињата што ги добивала во текот на лекувањето.

„Вие бевте голем дел од моето исцелување“, им порача.

Денес особено емотивно звучи крајот на нејзиното обраќање. Партон тогаш кажа дека има одлични лекари и дека тие ја уверувале оти здравствените проблеми со кои се соочува се излечливи.

„Ме уверија дека сè што имам е излечливо. Така што се држам до тоа“, порача Доли.

За жал некое време подоцна, вчера, на 25 август 2026 година, светот се прости од една од најголемите и најсаканите музички ѕвезди.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *