Првиот биолошки паметен компјутер CL1 користи човечки клетки од мозок
Австралиската компанија Cortical Labs го претстави CL1, револуционерен биолошки компјутер, кој е првиот уред од ваков вид што функционира врз принцип на програмирање. По големина сличен на кутија за чевли, овој уред користи клетки од човечки мозок, кои се развиваат во специјален раствор и се интегрирани на силиконски чип.
Компанијата предизвика интерес уште во 2022 година, кога нејзини научници успеаја да научат клетки од човечки мозок да играат „Пинг-Понг“ во лабораториски услови. Сепак, CL1 е значително понапреден уред. Тој користи мрежа од неврони со големина на мозокот на мравка, кои функционираат во комбинација со вештачка електроника.
Иднината на вештачката интелигенција?
Cortical Labs истакнува дека уникатната способност на биолошките неврони да учат и да извлекуваат заклучоци од ограничени податоци им дава предност во однос на современите алгоритми за вештачка интелигенција. Според главниот научен директор Брет Каган, CL1 би можел да се користи за научни истражувања, особено во областа на медицината, како што се моделирање на невродегенеративни болести и тестирање нови лекови.
Покрај физичкиот уред, Cortical Labs планира да понуди и пресметковни ресурси, базирани на истата технологија. Сепак, научници од Универзитетот Квинсленд предупредуваат на прерани заклучоци, бидејќи досегашните демонстрации, како учењето на невроните да играат видео игри, не гарантираат дека овие биокомпјутери ќе можат да решаваат комплексни задачи како човечкиот мозок.
Коментирај анонимно