Раскинувањето е потешко за мажите отколку за жените – стабилните врски им се поважни на мажите, покажува студија

Раскинувањето е тешка работа да се направи – за мажите, во секој случај.

Причината за тоа е што мажите повеќе се грижат за тоа да бидат во врска отколку жените, покажува нова студија што наскоро ќе биде објавена во Behavioural and Brain Sciences, пренесува PsyPost.

Истражувачите од Универзитетот Хумболт во Берлин го побиваат вообичаеното верување дека жените се оние што поочајно бараат партнер. Напротив, нивните наоди укажуваат дека мажите почесто чувствуваат осаменост по раскинувањето и потешко гледаат позитивна страна во ситуацијата.

Мажите потешко се одлучуваат да раскинат

Тимот анализирал повеќе од 50 научни студии за разликите меѓу половите во хетеросексуалните врски и дошол до заклучок дека ова може да објасни зошто мажите поретко од жените иницираат раскинување. Според експертите, 70% од разводите ги покренуваат жени.

Исто така, мажите почесто бараат партнер и повеќе се фокусираат на тоа да влезат во сериозна врска – можеби затоа што имаат повеќе да добијат од тоа.

„Знаеме од бројни студии дека жените типично добиваат поголема емоционална поддршка од своето опкружување отколку мажите. Затоа, хетеросексуалните мажи се многу позависни од своите партнерки за исполнување на нивните емоционални потреби, отколку што се хетеросексуалните жени.“, вели Ирис Вахринг, главен автор на студијата.

Со други зборови, стабилните врски се психолошки поважни за мажите отколку за жените.

 

Бракот е добар за менталното и физичкото здравје на мажите

Претходни истражувања покажале дека врските позитивно влијаат врз менталното и физичкото здравје на мажите. На пример, оженетите мажи стареат побавно отколку оние што се сами.

Според податоците на Pew Research Center, жените многу повеќе од мажите бараат емоционална поддршка од:

мајките (54% од жените наспроти 42% од мажите),
пријателите (54% наспроти 38%),
друг член на семејството што не е родител или партнер (44% наспроти 26%)
ментален здравствен работник (22% наспроти 16%).

Истражувачите од Универзитетот Хумболт ова го припишуваат на општествените норми што се длабоко вкоренети во нашата култура.

„Општествените норми имаат силно влијание врз тоа што жените почесто ги споделуваат своите емоции и посилно се поддржуваат меѓусебно, во споредба со мажите. Овие норми почнуваат да се формираат уште од детството – се смета за многу поприфатливо девојчињата да ги изразуваат своите емоции и ранливости, отколку момчињата.“, вели коавторот Пол ван Ланге.

 

Жените полесно живеат без партнер

Оваа студија се надоврзува на сè поголем број истражувања што покажуваат дека мажите повеќе се ослонуваат на романтичните врски отколку жените.

На пример, неодамнешна студија објавена во Social Psychological and Personality Science открила дека жените многу повеќе уживаат во самостојниот живот отколку мажите. Помалку имаат потреба од партнер, а генерално се и посексуално задоволни и посреќни сами.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *