„Сејф сити“ почна да ги казнува и странските возачи – редици на Табановце
Од вчера, 19 август, системот „Безбеден град“ почна да се применува и за возилата со странски регистарски таблички. При излез од Македонија, на граничниот премин Табановце се проверува дали возилото има сообраќаен прекршок претходно регистриран од камерите. Доколку има, на возачот му се издава записник и прекршочен платен налог, а казната може да ја подмири согласно законската постапка.

Новата постапка уште првиот ден создаде редици на Табановце, каде странски возачи чекаа за да ги регулираат казните пред да ја напуштат земјата. Од МВР појаснија дека не станува збор само за прекршоци направени вчера – системот ги опфаќа и прекршоците што биле евидентирани во претходните денови.
Проблемот е што новата постапка не ги погодува само оние што треба да платат казна. Поради задржувањето на возилата со регистрирани прекршоци, на Табановце се создаваат колони во кои чекаат и патници кои немаат направено прекршок. Така, во екот на туристичката сезона, административната постапка за дел од возачите практично го забавува преминувањето на границата и за сите останати.

Особено внимание треба да обрнат туристите и транзитните патници кои преку Македонија патуваат кон и од Грција, бидејќи камерите ги опфаќаат и главните транзитни правци.

Коментирај анонимно