Сите во авионот загинале, само српската стјуардеса преживеала пад од 10.160 метри без падобран
На 26 јануари 1972 година, авионот DC-9 на југословенската компанија ЈАТ се распаднал во воздух над тогашна Чехословачка, откако во багажниот простор експлодирала бомба. Од 28 патници и членови на екипажот, само едно лице останало живо – 23-годишната стјуардеса Весна Вуловиќ.

Иронијата е што таа воопшто не требало да биде на тој лет. Поради административна грешка, нејзиниот распоред бил заменет со распоредот на друга стјуардеса која исто така се викала Весна. Така, сосема случајно, се нашла на летот што ќе влезе во историјата.
Весна нема никакво сеќавање на самиот пад. Подоцна било утврдено дека останала заглавена во дел од трупот на авионот, притисната од количка за послужување, која најверојатно ја спречила да биде исфрлена од леталото. Остатоците од авионот паднале на пошумена и снежна падина, што значително го ублажило ударот.

Таа била пронајдена жива од локален жител, поранешен воен болничар, со тешки повреди – скршен череп, три скршени пршлени, скршена карлица и двете нозе. Иако првично останала парализирана од половината надолу, по долгото лекување повторно проодела.
Нејзиното неверојатно преживување ја направило светски позната. Југословенскиот претседател Јосип Броз Тито лично ја примил и ја одликувал за нејзината храброст и истрајност, а фотографијата на која Тито и Јованка Броз се среќаваат со Весна Вуловиќ останала едно од најпознатите сведоштва за оваа неверојатна приказна.

Подоцна, Весна Вуловиќ влезе во Гинисовата книга на рекорди како личност што го преживеала највисокиот пад без падобран – од неверојатни 10.160 метри. Нејзиниот рекорд останува ненадминат повеќе од половина век и се смета за едно од најневеројатните преживувања во историјата на авијацијата.

Коментирај анонимно