С*кс, тајни и Исус: Љубовни тројки, разводи и скандали во новото реално шоу за мормонските сопруги

По пет сезони исполнети со љубовни афери, брачни кризи, разводи и скандали, популарното реално шоу „Тајните животи на мормонските сопруги“ добива ново продолжение. Овојпат приказната се сели од Јута во сончевата Јужна Калифорнија, каде што девет жени со различни ставови за верата, бракот и сексуалноста ќе ги отворат вратите на своите приватни животи. Новото шоу „Тајните животи на мормонските сопруги: Округ Оринџ“, кое се прикажува на Хулу и Дизни+, ветува уште повеќе контроверзии, необични љубовни односи и судири меѓу традиционалните религиозни вредности и современиот начин на живот.

Секс, тајни и Исус: Што се крие зад затворените врати на мормонската заедница во Јужна Калифорнија?

Од Јута до Калифорнија: Девет жени, различни верувања и многу скриени тајниѓ

Оригиналната серија „Тајните животи на мормонските сопруги“ привлече огромно внимание со приказните за размена на партнери, тајни афери, семејни конфликти и бракови на работ на распад.
Новото продолжение ја следи сличната формула, но со нова група жени од Јужна Калифорнија, меѓу кои има посветени мормонки, поранешни припаднички на црквата, но и жени кои никогаш не биле дел од неа.
Уште во официјалниот трејлер се најавуваат разводи, контроверзии поврзани со полигамијата и бројни тајни, а дел од учесничките веќе се најдоа во центарот на медиумското внимание.
„Има многу смешни моменти, но и ситуации со кои луѓето можат да се поистоветат, бидејќи сме навистина ранливи и искрени. Има и многу забавна драма“, изјавила 34-годишната Медисон Бонтемпо за „Њујорк пост“.

 

Од Јута до Калифорнија: Девет жени, различни верувања и многу скриени тајни

Аспин Овард е во љубовна врска со брачна двојка и не се плаши јавно да зборува за тоа

Една од најинтересните учеснички е 30-годишната јутјуберка Аспин Овард, која има повеќе од три милиони претплатници на

својата платформа.
Во април 2024 година таа поднела барање за развод од сопругот Паркер Ферис, токму на денот кога го објавила раѓањето на нивната трета ќерка.

Оттогаш отворено зборува за истражувањето на својата бисексуалност, а особено внимание привлече нејзиниот необичен љубовен живот. Имено, Овард јавно открила дека е во романтичен однос со брачната двојка Бри и Били Дејвис од Њу Џерси.

Станува збор за таканаречена врска во тројка, во која три лица учествуваат во заеднички романтичен однос.

„Многу луѓе имаат прашања и се заинтересирани. За мене тоа е нешто сосема нормално, но и јас кога би видела друга тројка на ТикТок, би сакала да знам сè. Како функционира тоа?“, изјавила Овард.
Нејзиниот љубовен живот е особено интересен во контекст на мормонската религија, која сексуалната интимност ја дозволува исклучиво во брак меѓу маж и жена.

Сепак, Овард нагласува дека самата не е мормонка. Таа пораснала во Јута, опкружена со културата и традициите на оваа религиозна заедница, но не се идентификува како нејзина припадничка.
Гледачите ќе имаат можност да видат како останатите учеснички реагираат на нејзиниот љубовен однос. Медисон Бонтемпо, на пример, вели дека Бри често присуствува на снимањата и веќе се чувствува како дел од женското друштво.

Аспин Овард е во љубовна врска со брачна двојка и не се плаши јавно да зборува за тоа

Џен Афлек се разведува додека е бремена, а сопругот тврди дека за сè дознал од медиумите

 

Меѓу учесничките е и 27-годишната Џен Афлек, единствената која преминала од оригиналната серија во Јута во новото продолжение, откако се преселила во Лос Анџелес.
Нејзиниот приватен живот во последно време е особено бурен.
По седум години брак, Афлек поднела барање за развод од сопругот Зак, кого го запознала преку мормонска апликација за запознавање кога имала само 18 години. Во моментот на поднесувањето на барањето, таа била бремена со нивното четврто дете.
Разводот прераснал во јавна расправија откако Зак на ТикТок изјавил дека за одлуката на сопругата дознал од новинар, а не од неа.
Тој тврдел дека уште една година претходно разговарале за разделба и дека практично ја молел да остане со него.
Но кога јавно изјавил дека секогаш ќе ја поддржува, Џен одговорила со објавување стара видеоснимка на која Зак го критикува нејзиниот изглед само две недели по породувањето.
„Тој никогаш не беше мојот најголем поддржувач“, напишала таа.
Во меѓувреме, обожавателите пронашле и старо интервју во кое Џен раскажува дека сопругот ѝ се заканувал со развод доколку прифати актерска улога што вклучува романтични сцени.
Зак подоцна признал дека неговите коментари за нејзиното тело биле ужасни.
Целиот конфликт силно се одразил врз Џен, која признала дека размислувала воопшто да не се појави на премиерата на 4 ноември.
„Воопшто не спијам. Сè е премногу свежо и не ми е лесно“, изјавила таа.

Шеги за Исус предизвикале скандал, а гледачите бараат една од учесничките да биде исфрлена

Дополнителни контроверзии предизвикала и 31-годишната Ејвери Вудс, поранешна медицинска сестра на педијатриска интензивна нега, која денес има околу два милиони следбеници на ТикТок.
Во февруари 2025 година, во една епизода од својот подкаст „CHEERS! with Avery Woods“, таа се пошегувала на сметка на Исус и христијанките што објавуваат библиски цитати во своите биографии на Инстаграм.

Нејзините коментари предизвикале остри реакции, по што јавно се извинила.
„Направив шега со која ја преминав границата“, признала таа, но многумина го оцениле извинувањето како неискрено.
Незадоволството продолжило и по најавата дека ќе биде дел од новото реално шоу. На Редит, дел од гледачите го критикувале нејзиното учество, особено поради фактот што не е мормонка, а не живее ниту во округот Оринџ, туку во Калабасас, во округот Лос Анџелес.

Вудс, сепак, смета дека луѓето веќе имаат формирано мислење за неа.
„Долго време го живеам животот пред јавноста и мислам дека луѓето веќе имаат свои ставови за мене, што и да направам. А кога еднаш ќе формираат мислење, едноставно не сакаат да те видат успешен“, изјавила таа.
Таа потсетила и дека не е единствената учесничка која не е активен член на мормонската црква.
Меѓу нив е и 29-годишната водителка на подкаст Боби Алтоф, која е посветена христијанка, но не и мормонка.

Дел од жените строго ја следат мормонската вера, додека други живеат според сопствени правила

Токму различните ставови кон религијата се една од главните причини за поделбите меѓу деветте учеснички.
Додека некои отворено зборуваат за нетрадиционални љубовни односи и отстапување од религиозните правила, други се обидуваат да покажат дека мормонската заедница не се сведува само на скандалите што ги прикажуваат медиумите.
Меѓу нив е 32-годишната Ешли Пис, мајка на четири деца, родена во Австралија. Таа е првата учесничка во франшизата која не е Американка и е посветена припадничка на мормонската црква.

 

Сепак, нагласува дека нема намера да им суди на останатите жени поради нивниот начин на живот.
„Има многу убави нешта во мормонската црква, особено начинот на кој луѓето се поддржуваат и си помагаат едни на други“, вели таа.
Пис додава дека не се обидува да ја претстави својата религија како совршена, ниту себеси како личност без недостатоци.
„Не сум совршена и не сум тука за совршено да ја претставувам мормонската црква. Сакам само да бидам тоа што сум. Мислам дека токму тоа го имаме и во нашето мало сестринство – сите сме тука една за друга“, објаснила таа.

Мајка на пет деца сака да ја покаже љубовта кон Исус, но и несовршеноста на секојдневниот живот

Медисон Бонтемпо, мајка на пет деца и позната по семејниот јутјуб-канал „The FishFam“, исто така е активна припадничка на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни.
За разлика од дел од останатите учеснички, таа го гледа реалното шоу како можност јавно да зборува за својата вера.

„Бев возбудена што ќе добијам можност да покажам колку го сакам Исус Христос секогаш кога ќе имам прилика“, изјавила Бонтемпо.
Таа објаснува дека една од најважните работи што ги научила преку религијата е да им простува на другите и да ги прифаќа луѓето со сите нивни недостатоци.

Но, судејќи според најавите, во осумте епизоди на новото шоу ќе има многу ситуации во кои овие принципи ќе бидат ставени на испит.
Џен Афлек, пак, порачува дека не сака пред камерите да прикажува идеализирана верзија од својот живот.
„Не сум тука за да се претставувам како совршена. Тука сум да ги покажам сите страни – и грдите и убавите, и добрите и лошите моменти. Токму тоа го правам во ова шоу“, изјавила таа.
Новото продолжение на „Тајните животи на мормонските сопруги“ така не носи само приказни за разводи, љубовни афери и скандали, туку и судир меѓу различни погледи на верата, семејството и личната слобода.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *