Стампедо од Американци се обидуваат да добијат ирски пасоши, откако Трамп ќе ја преземе функцијата претседател
Голем број Американци побрзаа да аплицираат за ирски пасоши по победата на Доналд Трамп на претседателските избори, при што рекорден број барања беа поднесени во месецот на неговиот реизбор.
Ирските закони им овозможуваат на американските граѓани да аплицираат за државјанство преку потекло, доколку можат да докажат дека нивен дедо или баба е роден/а во Ирска. Според податоците на RTE News, во ноември биле поднесени 3.692 барања од САД – најголем број во еден месец во изминатата деценија.
„Со тоа што се случува во САД со новата администрација, се чувствувам загрижено и мислам дека е паметно да имам ирски пасош, за секој случај“, изјавила Ерин Клејтон, апликантка од Њу Хемпшир.
Во 2024 година, 31.825 Американци поднеле барање за ирски пасош, што претставува речиси 10% зголемување во однос на 2023 година. Ирска го забележала најголемиот број апликации токму во ноември, кога Трамп стана првиот кандидат во повеќе од 130 години што освоил не-конзекутивен втор мандат во Белата куќа.
Мартина Картин, претседателка на Ирскиот културен центар во Бостон, изјави дека покрај политичките причини, многумина аплицираат поради силната врска со Ирска или од практични причини.
„За некои, тоа е начин да добијат пристап до Европската унија, за други – можност да студираат во Ирска по пониски цени отколку во САД“, додаде таа.
По изборната победа на Трамп, значително се зголемиле и пребарувањата за напуштање на САД. Според „Google Trends“, пребарувањата за „како да се преселам во Канада“ се зголемиле за 68% во неделите пред и по изборите. Освен Канада, високо на листата биле Обединетото Кралство, Јапонија, Австралија и Италија.
Адвокатите за имиграција во САД и Канада сведочат за тројно зголемување на бројот на луѓе што бараат правни совети за преселба. Адвокатот Еван Грин од Торонто изјави: „Луѓето знаат што следува и токму затоа се многу повеќе мотивирани да се иселат“.
Покрај обичните граѓани, многу познати личности најавија заминување од САД. Водителката Елен Деџенерис и нејзината сопруга Портија де Роси го продадоа својот дом во Калифорнија и се преселија во Обединетото Кралство, а актерката Америка Ферера размислува за сличен чекор. Ева Мендес и Рајан Гослинг веќе живеат во Велика Британија, додека Софи Тарнер се врати во татковината поради загриженост за безбедноста и правата на жените.
Коментирај анонимно