Што навистина конзумираме? Науката потврди дека овој вештачки засладувач тивко го оштетува срцето
Вообичаениот вештачки засладувач аспартам може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања преку новооткриен хемиски механизам што влијае на артериите.
Истражувачи од Шведска, Кина и САД спровеле експеримент во кој на глувци им давале аспартам во период од 12 недели. Дозата била еквивалентна на онаа што човек би ја внел со пиење на околу три лименки диетална газирана пијачка дневно.
Дел од глувците биле генетски модифицирани така што им недостигал ген клучен за метаболизмот, што овозможило нивните рецептори да бидат под постојано влијание на инсулин.
Кај глувците што го консумирале засладувачот биле забележани повисоки нивоа на инсулин, зголемена воспаленост на крвните садови и поголемо насобирање на масни наслаги во артериите – фактори што го зголемуваат ризикот од срцев удар или мозочен удар.
„Важно е да се напомене дека овие резултати сè уште не се потврдени кај луѓе,“ вели кардиоваскуларниот физиолог Џејмс Лејпер од Британската фондација за срце, кој не бил вклучен во студијата.
„Овие наоди покажуваат дека е неопходно понатамошно истражување за да се утврди дали ваквите адитиви во храната и нивното влијание врз нивото на инсулин придонесуваат за зголемен ризик од кардиоваскуларни болести,“ додава тој.
Вештачките засладувачи веќе биле поврзувани со нарушување на инсулинската регулација, но сè уште не е целосно јасно како точно тие влијаат на организмот и какви здравствени ризици носат. Токму тоа била целта на ова истражување.
Откриен е нов механизам што го зголемува ризикот
Научниците идентификувале молекула наречена CX3CL1, која станува поактивна кога нивото на инсулин расте.
Кога научниците го блокирале рецепторот за оваа молекула кај глувците, процесот на создавање на наслаги во артериите бил запрен – што е дополнителен доказ дека оваа молекула има клучна улога во зголемувањето на ризикот од срцеви заболувања кај луѓето и потенцијално би можела да се таргетира во идни третмани.
„Бидејќи протокот на крв низ артериите е многу силен, повеќето хемикалии брзо би се исплакнале со срцевите отчукувања. Но, изненадувачки, тоа не важи за CX3CL1. Таа останува прикачена за внатрешната обвивка на крвните садови, каде што делува како мамка што ги заробува имуните клетки што минуваат“. објаснува васкуларниот биолог Јихај Чао од Каролинскиот институт во Шведска.
Негативните ефекти забележани кај глувците кои добивале аспартам најверојатно се должат на фактот дека овој засладувач е околу 200 пати посладок од шеќерот.
Тоа може да доведе до хиперактивирање на рецепторите во устата и цревата, што предизвикува преголемо лачење на инсулин. Овој процес, според истражувањето, може да доведе до влошување на состојбата на крвните садови и зголемен ризик од атеросклероза – стеснување на артериите.
Сепак, научниците истакнуваат дека ова сè уште не е потврдено кај луѓето и дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали истиот механизам функционира и во човечкиот организам.’
Дали треба да се избегнуваат вештачките засладувачи?
„Вештачките засладувачи се дел од речиси сите преработени намирници, па затоа мора да знаеме какви долгорочни здравствени последици можат да имаат,“ вели Чао.
Иако тие често се рекламираат како поздрава алтернатива на шеќерот, претходни истражувања ги поврзаа вештачките засладувачи со зголемен ризик од рак, анксиозност и проблеми со учењето.
Сепак, тоа не значи дека треба да се вратиме на консумирање шеќер.
Хемичарот Оливер Џонс од RMIT Универзитетот во Австралија има резерви кон ова истражување и вели:
„Доколку аспартамот навистина предизвикува мало зголемување на кардиоваскуларниот ризик (што оваа студија не го докажува), тогаш тој ризик би бил далеку помал од последиците од исхрана богата со масти и шеќери, како и недостаток на физичка активност. Со други зборови, ова истражување само по себе не е доволна причина за паника во врска со диеталните пијалаци или аспартамот“.
Бидејќи многу фактори играат улога во кардиоваскуларното здравје, потребни се дополнителни истражувања.
Иако експериментите биле спроведени врз генетски модифицирани глувци, резултатите покажуваат како покаченото ниво на инсулин може да предизвика оштетување на артериите – што е клучна информација за превенција и лекување на срцеви заболувања.
Коментирај анонимно