Студенти користат агенти со вештачка интелигенција кои наместо нив посетуваат цели онлајн курсеви, директно најавувајќи се на платформите за настава
Со подемот на агентските модели, зошто да се застане само на користење четботови за барање одговори? Дел од студентите им даваат задача на ВИ агенти да им „полагаат“ цели онлајн курсеви, додека софтверот работи во заднина, а тие времето го трошат на други работи, како бесцелно скролање на телефон или играње видеоигри.
„The New York Times“ го разгледа овој тренд во неодамнешна сторија. Случајот покажува до каде стигнало мамењето овозможено од ВИ, но и колку ризично може да биде образованието кога се одвива во виртуелна средина наместо во училница.

Содржина:
- Canvas и Blackboard стануваат влезна врата за квизови, видеолекции, трудови и дискусии
- ChatGPT, Gemini и Grammarly не одбиле барање да напишат цел труд за студент
- „Дали овде всушност комуницирам само со ботови?“ праша Карен Коста по две децении онлајн настава
- Правниот факултет во Чикаго забрани телефони, таблети и лаптопи за бруцошки предмети
Canvas и Blackboard стануваат влезна врата за квизови, видеолекции, трудови и дискусии
Во онлајн курсевите професорите не можат да се потпрат на надгледувани испити и усни презентации на начин на кој се обидуваат да ги вратат во наставата со физичко присуство.
Бидејки сѐ е зад екран, студентите можат да побараат од ВИ агент да се најави на платформи за учење како Canvas и Blackboard и наместо нив да решава квизови, да гледа видеолекции, да пишува трудови, па дури и да се претставува како студентот и да учествува во дискусии. Тоа се задачи во кои студентите се очекува да разговараат со колеги, а понекогаш и со професорот, за зададена литература.

ChatGPT, Gemini и Grammarly не одбиле барање да напишат цел труд за студент
Компаниите за ВИ прават малку за да го запрат ова.
„The New York Times“ утврди дека ниту еден од трите најпопуларни четботови меѓу студентите, ChatGPT, Gemini и Grammarly, не би одбил барање да напише цел труд во име на студент. Тие, исто така, не ги спречуваат своите модели да се најавуваат на платформи како Canvas и Blackboard, и ги игнорирале барањата на наставниците моделите да се идентификуваат кога се користат таму.
Образложението понекогаш звучи прилично неуверливо. Perplexity, компанијата зад ВИ веб-прелистувач, во изјава за „The New York Times“ рече дека барањето ВИ агентите да се идентификуваат на платформите за учење „би ги ставило приватноста и безбедноста на студентот во ризик“.

„Дали овде всушност комуницирам само со ботови?“ праша Карен Коста по две децении онлајн настава
Професорите се чувствуваат немокни да го запрат трендот. Често, нивниот универзитет може да има партнерство или договор со ВИ компанија што обезбедува пристап до посебна верзија на нејзините модели. Тоа им испрака мешана порака на студентите: дали ВИ се охрабрува, или е забранета?
Некои професори ќе замижат пред употребата на ВИ, други строго ќе ја казнат, но во целина секој наставник е оставен сам на себе.
„Дали овде всушност комуницирам само со ботови?“ се присети Карен Коста, која две децении предава онлајн курсеви, според „The New York Times“.
„Не добивам никакви насоки за тоа како да ги одвратам студентите од нивно користење.“ додаде Керол Сјуел од системот на Државниот универзитет на Калифорнија, кој минатата година потпиша договор вреден повеќе милиони долари со OpenAI. „Наместо тоа, добивам можности да научам повеќе за тоа како да ја користам.“
Правниот факултет во Чикаго забрани телефони, таблети и лаптопи за бруцошки предмети
И покрај јасниот потенцијал за настава, но и негативните ефекти што ги предизвикува, како ослабено критичко мислење и губење на меморијата, многу универзитети не сакаат целосно да ја забранат ВИ. Тоа не значи дека некои не се обидуваат да најдат заобиколни решенија.
Правниот факултет на Универзитетот во Чикаго неодамна забрани користење телефони, таблети и лаптопи на часови за предмети од прва година, како дел од својата нова „ВИ стратегија“.
Универзитетот Принстон ја укина својата повеќе од еден век стара традиција на Кодекс на честа, според која студентите полагаа испити без надзор, откако скандал со мамење со ВИ ја потресе оваа институција од Ајви лигата.

Коментирај анонимно