Судот му запленил телефон со крипто вредно над 100.000 евра на струмичанец – потоа телефонот исчезнал
Случајот на Панче Илиев од Струмица почнува со пресуда за убиство, но продолжува како приказна за докази што исчезнуваат во институционални ходници.
Кога Илиев бил осуден, двата одземени телефони останале во судот, иако тоа не е вообичаена пракса. На едниот имало криптопаричник, а на другиот апликација за копање крипто.
Кога уредите конечно биле вратени, БИРН открива дека судот вратил друг телефон наместо оној со криптопаричник. Во меѓувреме, апликацијата на другиот телефон регистрирала бришење на кориснички налог додека уредот не бил кај сопственикот.
Овој случај го отвора прашањето како се чуваат доказите во судовите, полицијата и обвинителството, и колку тие навистина се безбедни.
Содржина:
- Судијата Бержецки го оставил прашањето за двата телефони да „лебди“
- Христина Мучева тврди дека во апликацијата имало 46,29 етериуми и 0,98 биткоини
- Обвинителството од Скопје побарало информација за казнуваност, не задржување на уреди
- Во судското депо прво не можеле да ги најдат записниците за примопредавање
- Сервисерот нарачал батерија за „ајфон 7 плус“, но на маса добил „ајфон 8 плус“
- Татјана Малинова одговорила дека не нашла незаконитост
- Апликацијата „Hiveon“ покажала бришење од интернет-адреса во Македонија
- Правниците велат дека за друга постапка требало нова наредба
- Мучева го нарекува случајот „грабеж под институционален надзор“
Судијата Бержецки го оставил прашањето за двата телефони да „лебди“
Во јануари 2023 година, Илиев извршува убиство и за тоа е осуден на 12 години затвор.
Струмичкиот судија Борис Бержецки ја донел пресудата во јуни истата година, но не одлучил што ќе се случи со одземените предмети. Во пресудата напишал дека ниту ќе ги одземе трајно, ниту ќе ги врати, бидејќи дознал од скопското обвинителство дека против обвинетиот се води уште една постапка за друг предмет.
Бержецки, кој сега е во пензија, за БИРН рече дека не се сеќава на детали, бидејќи поминале речиси три години, но го знаеше случајот.
„Сметав дека предметот не е завршен во ОЈО Скопје и дека можеби тие предмети ќе им потребаат.“
Тој тврди дека подоцна дознал дека на телефоните има криптопаричник.
„Немав јас контакти со телефонот, не го ни знам телефонот“, вели Бержецки за БИРН.
Христина Мучева тврди дека во апликацијата имало 46,29 етериуми и 0,98 биткоини
Не станувало збор за обични телефони. На еден од уредите имало криптопаричник, дигитална апликација за чување и управување со криптовалути, чија вредност на пазарите варира и, зависно од периодот, може да достигне стотици илјади евра.
БИРН не може независно да утврди колку валути имало на криптопаричникот во моментот кога телефонот бил одземен. Но, редакцијата имала увид во фотографии и видеа направени претходно, кои покажуваат дека таму имало биткоини и етериуми.
Партнерката на тогаш 25-годишниот Илиев, Христина Мучева, вели дека на денот на одземањето на телефонот имало сума што денес вреди над сто илјади евра.
Според неа, кога судијата ја објавил пресудата, рекол дека телефоните ќе бидат вратени, но во писмената пресуда стоело дека за тоа прашање нема да одлучи.
Обвинителството од Скопје побарало информација за казнуваност, не задржување на уреди
Од скопското обвинителство, каде што се води другиот предмет за Илиев, за БИРН одговориле дека побарале информација од струмичкиот суд дали обвинетиот претходно бил казнуван и осудуван, а не судот да ги задржи телефоните.
Илиев и Мучева, веднаш по апсењето, преку адвокат побарале од обвинителката Силвана Бајрактарова да им дозволи пристап до криптопаричникот. Таа го одбила барањето.
Двата одземени телефони, според листата на докази на обвинителката, не биле дигитално-форензички вештачени.
Една година по пресудата за убиството, во 2024 година, Илиев повторно побарал судот да одлучи за телефоните. Бержецки ни тогаш не донел одлука, туку се обратил до скопскиот кривичен суд за другата постапка и наскоро се пензионирал.
Предметот останал заглавен, сè додека не го презела друга судијка, која дури во 2025 година наредила уредите да бидат вратени.
Во судското депо прво не можеле да ги најдат записниците за примопредавање
Откако било наредено враќање на телефоните, за Мучева почнал процес што таа го опишува како кафкијански.
Таа тврди дека вработениот во судското депо, задолжен за чување привремено одземени предмети, прво не можел да ги пронајде записниците за примопредавање на предметите во судот.
По три дена ѝ вратил два телефони, но не ѝ дозволил да ги приклучи на полнач за да утврди дали токму тие се одземените уреди.
Мучева потпишала дека ги прима, но со пенкало на доставницата напишала дека не ѝ е дозволено да ги стави на полнач.
Тогаш не се посомневала дека проблемот допрва ќе се отвори.
Сервисерот нарачал батерија за „ајфон 7 плус“, но на маса добил „ајфон 8 плус“
Телефонот „шаоми“, на кој имало апликација за копање крипто, бил истиот. Но, другиот уред, „ајфон 7 плус“, на кој бил криптопаричникот, се покажало дека не е телефонот што бил одземен.
Мучева побарала помош од повеќе луѓе. Кога „ајфонот“ го ставила на полнач, уредот не се вклучувал. Се обратила до струмички сервисер за компјутери, кој за БИРН раскажа дека нарачал батерија за „ајфон 7 плус“, затоа што во решението од судот пишувало дека е одземен таков уред.
Кога батеријата стигнала, заедно со Мучева отишле кај сервисер за мобилни телефони. Тогаш се испоставило дека за сервисирање бил донесен „ајфон 8 плус“.
„Немаше реакција. Потоа го стави на дијагностика и излезе дека телефонот е мртов“, ни рече тој.
Двата модели визуелно се идентични. Дополнително, Мучева сфатила дека ѝ е вратен телефон со футрола, додека одземениот телефон бил без футрола. Проверката на серискиот број потврдила дека тој не одговара со бројот во записниците за одземениот уред.
Татјана Малинова одговорила дека не нашла незаконитост
Мучева веднаш побарала од струмичкиот суд да ја исправи грешката. Ја примила претседателката на судот, Татјана Малинова.
Но, Мучева тврди дека оттогаш претседателката не направила ништо за да го расчисти случајот. Затоа бара одговорност од Судскиот совет, бидејќи Малинова како претседател е одговорна за состојбите во судот.
БИРН во јануари годинава побара увид во предметот, но Малинова го одби барањето, наведувајќи дека нема јавен интерес и дека има сензитивни информации, иако увид во завршени предмети е долгогодишна пракса во скопскиот кривичен суд.
На прашањата испратени по имејл, Малинова одговори:
„Не постојат податоци, службени забелешки или други околности што би укажувале на неправилност или незаконитост при извршување на правосилната судска одлука и предавањето на мобилните телефони.“
Поради тоа оценила дека не треба да го извести јавното обвинителство.
Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап го поништи решението на судот со кое било одбиено барањето на БИРН за увид. Судот повторно одби да даде пристап, па БИРН поднесе нова жалба, за која Агенцијата и по речиси еден и пол месец уште не одлучила.
Апликацијата „Hiveon“ покажала бришење од интернет-адреса во Македонија
Во меѓувреме, Мучева и Илиев дознале дека т.н. ај-клауд, односно виртуелната меморија на телефонот, била избришана. Таа се обидувала преку зачуваните пасворди да пристапи до апликациите, но безуспешно.
На другиот мобилен уред, „шаоми“, сите апликации биле одлогирани.
Откако Илиев се фотографирал со пасош од затворот во Штип, успеал да добие пристап до апликацијата за копање крипто „Hiveon“. Тогаш забележале дека некој со интернет-адреса од Македонија ја избришал корисничката сметка во време кога уредот не бил кај него.
„Не е украден само телефон и криптото во него, туку е избришан и дигиталниот идентитет додека уредите биле под контрола на државата“, обвинува Мучева.
Таа во 2024 година пријавила во полиција неовластен упад во криптопаричникот од непознато лице. Две години не била повикана на разговор, сè додека БИРН не побара одговори од полицијата во февруари годинава. Два дена по имејлот, таа се сретнала со инспекторите.
За овој упад предмет води струмичката обвинителка Виолета Милчовска. Од обвинителството одговорија дека бара податоци од компанијата Мета од САД, веројатно мислејќи на Метамаск, фирмата за криптопаричници, а не Фејсбук. Одговор сè уште немаат. Но, предметот е за упадот, а не за одземениот „ајфон“.
Правниците велат дека за друга постапка требало нова наредба
Според Кривичниот законик, одземените предмети што не се поврзани со извршување на кривичното дело му се враќаат на сопственикот.
Судиите, обвинителите и професорите по право со кои разговарал БИРН се едногласни дека одлуката на Бержецки се коси со правото. Судијата во пресудата мора да одлучи за сите правни прашања, вклучувајќи ја и судбината на привремено одземените предмети. Ако има друга постапка за други дела, велат дека мора да се обезбеди нова наредба.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека постои пракса на прекумерно одземање без соодветна контрола, што создава ризици од повреда на права, материјална штета, па дури и потенцијални злоупотреби.
„Голем дел од предметите подоцна се враќаат, но по значителен временски период, кога веќе ја изгубиле својата вредност или употребливост или, пак, се врши трајно одземање дури и кога не би требало да бидат одземени.“
БИРН го посетил Илиев во затворот во Штип. Тој тврди дека при претресот полицајците му наредиле да ги отстрани пиновите од телефоните. Според него, т.н. тајна фраза „secret recovery phrase“ за криптопаричникот била зачувана, што значи дека секој што ја знаел оваа фраза можел да влезе во апликацијата за крипто.
Мучева го нарекува случајот „грабеж под институционален надзор“
Аврамовски посочува дека секогаш постои сомнеж за губење предмет, замена на предмет или неовластен пристап и манипулација со податоци. Според него, јавното обвинителство има обврска по службена должност да отвори истрага и да утврди дали постои кривична одговорност.
Одговорност, вели тој, има и кај судот кога подоцна се утврдува дека предметите биле нерелевантни или неосновано одземени, бидејќи тоа директно им прави штета на странките.
Мучева тврди дека се работи за „грабеж под институционален надзор, проследен со незаконито задржување на сопственоста, суштествени повреди на постапката и користење на, тогаш, мојата правна неукост и тешка животна состојба да бидеме ограбени.“
Таа се обратила до Министерството за правда, ДКСК, Судскиот совет и други институции. Постапувања имало, но резултати нема.
Членот на Судскиот совет Аритон Ала, кој го потпишал извештајот за нејзината претставка, не влегол во детална анализа што ѝ било вратено на Мучева и дали судот им ги дал сите документи. Оценил дека Бержецки е веќе пензиониран судија и дека постапката против него е беспредметна.
Мучева очекува новиот државен обвинител Ненад Савески да се заинтересира за случајот, кому и директно му пишала.
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно