Швеѓанка родила тројка на 50 години, а дома веќе имала четири сина: Животот ѝ се променил преку ноќ, но денес ужива во секој момент
Остварувањето на животните соништа нема фиксен рок, а приказната на Швеѓанката Мари Густавсон најдобро покажува дека новите почетоци понекогаш доаѓаат токму тогаш кога никој не ги очекува.
Таа отсекогаш сонувала за големо семејство исполнето со детски џагор. Веќе била мајка на четири сина — Себастијан (31), Џаспер (19), Лео (8) и Луи (3) — кога со сопругот посакале уште едно дете.
Желбата им се исполнила на начин што го променил целиот нивен дом: наместо едно бебе, на свет дошле три. Денес, на 51 година, Мари е горда мајка на седум деца, а секојдневието и е исполнето со пелени, ноќни дежурства, умор и љубов што не се мери со часови сон.

Лекарите и давале едвај пет проценти шанса, па двојката заминала на ИВФ на Кипар
Кога решиле повторно да го прошират семејството, прогнозите не биле на нивна страна. Поради годините на Мари, лекарите биле скептични и процениле дека шансите за успешна бременост се едвај пет проценти.
Сепак, тие не се откажале. По ин витро оплодување, само три дена по ембриотрансферот, тестот покажал позитивен резултат. Набрзо ултразвукот го открил шокантното, но прекрасно изненадување — не чекале едно бебе, туку тројка.
Бременоста била брза и ризична, па било потребно максимално внимание. Бебињата се родени со итен царски рез: малиот Чарли тежел само 1,5 килограм, Лорин 1,3 килограми, а најмалата Лара имала едвај еден килограм. Денес сите три бебиња се здрави, весели и одлично напредуваат.

Од девет навечер до два по полноќ трае единствениот мирен дел од денот на Мари

Животот со седум деца, од кои три се бебиња, бара дисциплина каква што ретко се гледа во еден дом. Најтешкиот дел за Мари и нејзиниот сопруг е хроничниот недостаток на сон, па затоа грижата ја организирале во смени.
„Ноќната смена ја поделивме прецизно: јас одам на спиење околу девет часот навечер и одмарам до два часот по полноќ, кога сопругот ми ја предава грижата за бебињата. Олеснителна околност е тоа што и двајцата работиме од дома“, искрено раскажува Мари, признавајќи дека не памети кога последен пат спиела непрекинато цела ноќ.
На љубопитните погледи, предрасудите и негативните коментари на социјалните мрежи Мари не обрнува внимание. Не ја плаши ниту фактот што ќе има над 60 години кога нејзините тројки ќе влезат во тинејџерските години.
Таа верува дека мајчинството во позрела возраст носи поголемо трпение, душевна смиреност, богато животно искуство и поинаква перцепција за вистинските вредности во животот.
„Ова е најголемиот и најубавиот подарок што можев да го добијам од животот. За љубов и нови почетоци никогаш не е доцна“, порачува храбрата мајка.


Коментирај анонимно