Уапсен легендарниот хрватски фудбалер Дарио Шимиќ
Хрватскиот Уред за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), во соработка со полицијата, утрово спроведе голема антикорупциска акција, при што е уапсен легендарниот хрватски фудбалер Дарио Шимиќ.
Заедно со него е приведена и Неда Ливљаниќ, поранешна раководителка на Одделот за туризам при Службата за економија и имотно-правни работи на Шибенско-книнската жупанија.

Според досегашните информации, истрагата се однесува на сомнежи за незаконски постапки при издавање дозволи поврзани со туристички проекти. Истражителите се сомневаат дека Шимиќ, со посредство и влијание на Ливљаниќ, незаконски ги обезбедил потребните одобренија за изградба и работа на автокамп на атрактивна локација во Тисно.

Ливљаниќ и претходно била предмет на истраги за злоупотреба на службената положба и незаконско издавање дозволи за кампови на островот Муртер, а новата акција претставува продолжение на поширока истрага за можни коруптивни шеми во областа на просторното планирање и туризмот.

Засега против осомничените не е поднесено обвинение, а УСКОК соопшти дека по завршувањето на испитувањата ќе донесе одлука за понатамошните правни чекори и ќе ја информира јавноста за текот на постапката.

Коментирај анонимно