ВИДЕО: Агресивни морски риби-зајак се напаѓаат и јадат меѓусебно во Грција
Необично видео снимено во водите кај Крит стана вистински хит на социјалните мрежи, откако прикажа агресивно однесување на рибите-зајак, кои во борба за храна почнаа да се напаѓаат и меѓусебно.

На снимката се гледа како рибар фрла мала риба како мамка, по што неколку риби-зајак во ист момент се стрчуваат кон пленот. Наместо само да се обидат да ја зграпчат храната, тие започнуваат жестока пресметка, гризејќи се и оттурнувајќи се една со друга во обид да стигнат први до мамката. Видеото во изминатите денови стана вирално и предизвика бројни коментари на интернет.
Иако не е познато кога точно е снимена оваа сцена, експертите одамна предупредуваат дека рибата-зајак е инвазивен вид кој последните години масовно се прошири во источниот Медитеран, вклучително и во грчките води. Освен што им создава проблеми на локалните рибари, овој вид е познат по својата агресивност кога станува збор за храна.
Рибата-зајак, стручно позната како Lagocephalus sceleratus (лагокефал), припаѓа на семејството риби-балон. Станува збор за инвазивен вид кој во Средоземното Море пристигнал преку Суецкиот Канал, а е познат и по тоа што содржи тетродотоксин – еден од најсилните природни невротоксини, поради што нејзината консумација може да биде опасна.
Видеото повторно ја отвори дискусијата за влијанието на инвазивните морски видови врз екосистемот во Медитеранот, особено во периодот кога плажите во Грција се преполни со туристи.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно