Внатре во англиското село каде што нема криминал, долгови или бездомништво
Што ако ви кажеме дека постои место каде што можете да живеете безбедно, без долгови и со загарантиран покрив над главата – и тоа без да заработувате плата?
Не, не е некаква фантазија – тоа е село во Источен Сасекс.
Тоа е место каде што децата не гледаат телевизија, не користат социјални мрежи, па дури ни мобилни телефони.
Во ова село живеат 300 луѓе кои речиси половина век се оддалечени од современото општество.
Селото Дарвел се наоѓа во близина на Хејстингс, а сите негови жители се дел од радикалната христијанска заедница наречена Брудерхоф. Тоа се семејства и самци кои живеат во самодоволна заедница, каде што одгледуваат своја храна на фарма и во овоштарник.
Имаат своја кујна, училишта, па дури и бизнис за производство на детски играчки и мебел – кој вреди милиони.
Луѓето тука живеат како ученици на Исус, а секој што реши да се приклучи мора да се откаже од своите лични работи, пари и статус.
Оваа британска заедница го уредува својот живот според раните библиски текстови, а како што може да се очекува, има строго поставени правила – разводите, истополовите врски и дури и облеката се предмет на строги ограничувања.
Како изгледа еден ден во селото?
Денот започнува во 6:00 часот, а училиштето и работата траат од 7:30 до 17:00 часот, со двочасовна пауза.
Модата е забранета – луѓето носат едноставни традиционални фустани со шамии. Прифатливи се и широки кошули, карирани фустани и здолништа.
Кога станува збор за животни избори, жителите не одлучуваат каде ќе живеат или што ќе работат – тоа е однапред определено за нив.
Иако ова може да звучи необично, во светот постојат уште 23 слични населби на Брудерхоф, со илјадници луѓе што го следат овој начин на живот. Движењето било основано во Германија во 1920 година како пацифистичка заедница.
Живот во Дарвел
Бернард Хибс е еден од жителите на селото. Живее во Дарвел со својата сопруга Рејчел и нивните три деца, во заедничка куќа со други семејства, вклучително и неговите родители.
Обично јадат заедно со другите жители во заедничка трпезарија, каде што пеат и се молат.
Бернард, кој денес има 38 години, бил само деветгодишно дете кога се приклучил на заедницата, а секогаш кога заминувал надвор од неа, велел дека плачел.
„Можеби звучи тешко, но кога еднаш ќе го направите тоа, сфаќате колку може да бидете среќни живеејќи живот без да поседувате ништо,“ вели тој, нагласувајќи дека нивната заедница не е култ.
Некои посетители очекувале да видат култ, но кога пристигнале, сфатиле дека луѓето таму се „премногу нормални“ за да бидат култ.
„Нема НЛО-а, нема чудни ритуали, нема тајни ракувања,“ вели Бернард.
Тој објаснува дека никој не е принуден да размислува на одреден начин и дека луѓето можат да дојдат и да си заминат кога сакаат.
„Меѓусебно се расправаме за речиси сè – од Брегзит (излезот на Обединетото Кралство од Европска унија) до тоа колку често треба да ја косиме тревата,“ вели тој.
Како директор за надворешни односи на заедницата, Бернард е еден од ретките што има компјутер и паметен телефон.
„Немам грижи, немам стравови, немам хипотека, не поседувам ништо. Има само 10 автомобили за 300 луѓе. Ако ми требаат нови чевли, само ќе ги побарам – и ќе ги добијам истиот ден“ нагласува тој.
Коментирај анонимно