Во САД отсега на луѓето ќе може легално да им биде трансплантиран бубрег од свињи
Две американски биотехнолошки компании, „United Therapeutics“ и „eGenesis“, добија одобрение од Администрацијата за храна и лекови (FDA) за клинички испитувања на генетски модифицирани свински бубрези за трансплантација кај луѓе.
Овие компании од 2021 година вршат експерименти со пресадување свински бубрези, најпрво кај пациенти со мозочна смрт, а неодамна и кај живи приматели. Истражувачите се надеваат дека оваа технологија ќе помогне во решавањето на сериозниот недостиг на органи, бидејќи над 100.000 Американци чекаат трансплантација, од кои повеќе од 90.000 имаат потреба од бубрег.
Одобрението на „United Therapeutics“, објавено во понеделникот, им овозможува да продолжат кон создавање лиценциран производ доколку тестирањата бидат успешни. Тие планираат да вклучат шест пациенти со краен стадиум на бубрежна болест, со можност бројот да се зголеми на 50. Првата трансплантација се очекува во средината на 2025 година.
Конкурентната компанија „eGenesis“, пак, добила слично одобрение уште во декември за студија со три пациенти кои имаат мала веројатност да добијат донорски бубрег во рок од пет години.
Трансплантацијата на органи меѓу различни видови (ксенотрансплантација) долго време беше предизвик, но напредокот во генетското уредување и контрола на имунолошкиот одговор ја доближи оваа технологија до реалност. Свињите се идеални донори бидејќи брзо растат, имаат бројни потомци и веќе се дел од човечката исхрана.
Пациентите во студиите ќе бидат следени доживотно за да се проценат нивната стапка на преживување, функцијата на бубрегот и ризикот од инфекции што можат да преминат од животни на луѓе.
Во моментов, само една личност живее со трансплантиран свински орган – Тована Луни (53) од Алабама, која доби бубрег од „United Therapeutics“ на 25 ноември 2024 година. Таа е најдолговечниот примател, живеејќи со свински бубрег 71 ден. Претходно, Дејвид Бенет од Мериленд доби свинско срце во 2022 година, но преживеа 60 дена.
ETE, Sega svinskoto kaj nas ke poskape!!!
Коментирај анонимно