Во светот постојат два острова оддалечени само 4 километри, а меѓу нив има дури 21 час временска разлика! На едниот е денес, на другиот веќе е утре
Денес повторно се разбудивме желни за географски апсурди, па пронајдовме место каде што буквално преку морето можете да го гледате „утрешниот ден“. Не, ова не е измислица, ниту сценарио за научнофантастичен филм. Станува збор за Диомедовите Острови, мал архипелаг во Беринговиот Проток каде што картата и календарот не се согласуваат со здравиот разум.

Содржина:
- Големиот Диомед е „Островот Утре“, Малиот е „Островот Вчера“
- Витус Беринг ги забележал островите на 16 август 1728 година
- Купопродажбата на Алјаска во 1867 година ја оставила Русија пред прозорците на Америка
- Зимскиот леден мост изгледа како пешачки премин, но преминот е строго забранет
- На Малиот Диомед во 2023 година останале 77 жители
- Од 1948 година Великиот Диомед нема постојани жители
- Меѓународната датумска граница таму не е само линија на карта, туку линија во времето
Големиот Диомед е „Островот Утре“, Малиот е „Островот Вчера“
Двата острова понекогаш ги нарекуваат токму така, бидејќи рускиот Голем Диомед секогаш е 20 или 21 час пред американскиот Мал Диомед, во зависност од тоа дали важи летно или зимско сметање на времето. Помеѓу нив минува меѓународната датумска граница, па од едниот брег другиот изгледа како соседство што живее во друг ден.

Витус Беринг ги забележал островите на 16 август 1728 година
Малиот и Големит Диомед се наоѓаат во тесниот морски премин што ја раздвојува Азија од Северна Америка и го поврзува Беринговото Море со Чукотското Море на север. Данскиот морепловец во руска служба им го дал името бидејќи на тој датум Православната црква го одбележувала споменот на свети Диомед, пишува arcticportal.org.

Купопродажбата на Алјаска во 1867 година ја оставила Русија пред прозорците на Америка
Границата била повлечена кога Русија ја продала Алјаска на Соединетите Држави. Малиот Диомед, со површина од само 7,3 квадратни километри, влегол во таа купопродажба и денес е дел од Алјаска. Големиот Диомед, десет пати поголем, останал руска територија. Оттогаш, иако на поглед се речиси на дофат, времето на Студената војна ги раздвоило со граница што ја нарекле ледена завеса.

Зимскиот леден мост изгледа како пешачки премин, но преминот е строго забранет
Кога морето ќе замрзне, помеѓу островите често се создава доволно цврста ледена врска за теоретски да може пеш да се премине од Америка во Русија. Во практика тоа никој не го прави, бидејќи крајот е надгледуван и од американските и од руските власти, пишува CNN.

На Малиот Диомед во 2023 година останале 77 жители
Народот Ињупиат живее таму повеќе од три илјади години, а островјаните едноставно го нарекуваат местото Островот Вчера. Населението во последните децении се преполовило: во 1990 година имало 178 луѓе. Целото населено место стои на тесна плажа покрај западниот брег, од каде што од куќите се гледа Русија. Има околу триесет згради, училиште, библиотека, црква и хелиодром, но нема патишта. Единствената продавница нуди основна храна, облека, оружје и гориво, а стоката пристигнува по море, најчесто од алјаскиот град Ном. Луѓето живеат од лов на китови и фоки, а во зима организираат и стража за поларните мечки што знаат да нападнат куќи.

Од 1948 година Великиот Диомед нема постојани жители
Островот што го нарекуваат Островот Утре изгледа сосема поинаку од својот американски сосед. Советската власт тогаш го преселила домашното население на руското копно и подигнала воена база. Денес таму има само руска метеоролошка станица и припадници на граничната стража.
Меѓународната датумска граница таму не е само линија на карта, туку линија во времето
Објаснувањето лежи во замислената линија што го следи 180. меридијан и раздвојува еден календарски ден од другиот. Кај Диомедовите Острови таа минува токму помеѓу двете копна: Големиот Диомед живее во утрешнината, додека Малиот Диомед уште е во вчерашнината. Доволно е да се погледне преку морето за да се види утре, или вчера, во зависност од тоа на која страна стоите.

Коментирај анонимно