Возачите научија каде се камерите на „Безбеден град“ – отсега прекршоци ќе снимаат и полициските возила, најави Тошковски
Во текот на 2027 година, контролата на сообраќајот ќе излезе и надвор од местата каде што денес има поставено фиксни камери. Министерството за внатрешни работи ќе користи специјално опремени патролни и цивилни возила, со техничка можност автоматски да детектираат прекршоци и кога се паркирани покрај патот и додека се движат низ сообраќајот.

Содржина:
Несовесните возачи досега ја намалувале брзината само пред познатите камери
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека на овој начин ефикасно ќе се контролира, пред сè, брзината на возење и на сообраќајните точки каде што возачите досега не беа опфатени со фиксниот камерски надзор. Тој посочи дека несовесните возачи со текот на времето ги научиле точните позиции на камерите и таму привремено ја намалуваат брзината, но штом ќе излезат од нивниот опфат, продолжуваат со агресивно и ризично управување.
„Возачите нема да можат однапред да претпостават каде точно ќе бидат распоредени полициските возила. Патролните возила во секој момент ќе можат да констатираат пречекорување на брзината или друг прекршок со вградените радари и камери“, нагласи министерот Тошковски по повод промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година.

Снимката од мобилната камера веднаш оди во централниот дигитален систем
Големата предност на овој систем е што целосно го елиминира субјективниот човечки фактор и каква било можност за селективност при санкционирањето. Секој констатиран прекршок преку мобилните камери веднаш и автоматски ќе се испраќа во централниот дигитален електронски систем на МВР за процесирање, издавање на платни налози и доставување на глобите до домашната адреса на сопственикот на возилото.
Овој пристап овозможува непрекината контрола на магистралните патишта, регионалните делници и градските сообраќајници без потреба од класично физичко сопирање на возилата. Со тоа истовремено се зголемува безбедноста и на полициските службеници и на другите учесници во сообраќајот.

Струмица до крајот на ноември, потоа Штип, а целата држава до почетокот на 2027
Паралелно со воведувањето мобилни камери во возилата, Министерството за внатрешни работи интензивно работи и на територијално проширување на фиксната мрежа на „Безбеден град“. Министерот Тошковски најави дека до крајот на ноември треба целосно да заврши инсталацијата на системот на подрачјето на СВР Струмица, по што веднаш ќе започне имплементацијата во СВР Штип.
Според стратешките планови на МВР, мрежата на „Безбеден град“ ќе биде проширена на целата територија на државата до крајот на 2026 или најдоцна на почетокот на 2027 година, создавајќи современ интегриран систем кој драстично ќе го намали бројот на сообраќајни несреќи со тешки последици.

Коментирај анонимно