Заборавен од сопствената држава ама ценет од светските археолози, Кокино одбележува четврт век од своето откривање

Кокино и 25 години по почетокот на археолошките истражувања останува еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија, сметаат археолозите од Европа и светот кои учествуваат на третата меѓународна конференција посветена на светски познатиот локалитет.
Конференцијата е насловена „Свети места низ времето: Археологија, ритуал, религија“ и на неа учествуваат 30 истражувачи од Европа и Северна Америка. Тие ги претставуваат своите научни согледувања за ритуалните простори, обредите и религијата од праисторијата, преку антиката, до средновековниот период.
Настанот се одржува во спомен на Јовица Станковски, археологот кој со децении неуморно работеше на истражување и меѓународна афирмација на Кокино.

Заборавен од сопствената држава ама ценет од светските археолози, Кокино одбележува четврт век од своето откривање

Првата конференција без Јовица Станковски му е посветена токму нему

Археологот Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово рече дека годинашната конференција е посебна токму поради посветата на Станковски, со кого Музејот ги поврзува почетоците и развојот на истражувањата на локалитетот.
„Оваа година славиме 25 години од откривањето на Кокино. Ова е трета меѓународна конференција што ја организираме по повод постоењето на локалитетот. За жал, ова е прва конференција што ја правиме без Јовица Станковски, човекот кој го афирмираше Кокино, па целата конференција всушност му ја посветуваме нему“, изјави Ѓорѓиевски.

Од Македонија до Франција, научниците зборуваат за свети места низ повеќе епохи

На конференцијата учествуваат истражувачи од Македонија, Грција, Бугарија, Косово, Србија, САД и Франција.
Според Ѓорѓиевски, темата не е ограничена само на праисториските светилишта, туку ги опфаќа светите места и простори низ различни временски епохи.
Настанот е отворен за јавноста, а планирано е научните излагања во наредниот период да бидат објавени во зборник.

Билетите не ја кажуваат целата приказна за посетителите на Кокино

Јубилејната програма опфаќа и други активности. По фестивалот посветен на Кокино, најавена е изложба на Мирослав Петкоски посветена на 25 години од откривањето на локалитетот.
Ѓорѓиевски посочува дека Кокино е вклучено во програмите за училишни екскурзии и дека учениците се редовни посетители, но најголем интерес покажуваат странските туристи.
„Според нашите неофицијални бројки, околу 10.000 странски посетители доаѓаат таму, но според бројот на продадени билети и фактот дека дел од посетителите не се информирани за наплатата, сметам дека бројката може слободно да се процени на најмалку 5.000 посетители“, рече Ѓорѓиевски.

Музеј Куманово управува, но непосредната заштита е кај други институции

И покрај огромниот интерес, инфраструктурните услови остануваат еден од најгорливите проблеми со кои се соочува локалитетот.
Според Ѓорѓиевски, Музеј Куманово управува со Кокино, но непосредната заштита е во надлежност на други институции.
Недостигот од основна патна и туристичка инфраструктура ја ограничува можноста за целосно уредување и подобрување на условите за посетителите.

Булатовиќ работи на Кокино од 2003 година и го нарекува исклучителен споменик

На научното значење на Кокино се осврна и д-р Александар Булатовиќ од Археолошкиот институт во Белград, кој е дел од истражувачкиот тим од 2003 година.
Тој соработувал со Јовица Станковски прво како истражувач во Народниот музеј во Врање, а потоа и во Археолошкиот институт во Белград. Булатовиќ го опиша Кокино како еден од највеличествените локалитети на кои работел, нагласувајќи дека неговото значење произлегува од археолошките и археоастрономските карактеристики.
„Станува збор за исклучителен споменик, не само за Македонија туку и за целиот регион. Кокино нуди единствена комбинација на праисториско светилиште и опсерваторија, каква што ретко се среќава во овој дел на Европа“, истакна Булатовиќ, потсетувајќи дека резултатите од долгогодишните истражувања на движењето на Сонцето и Месечината беа објавени и во нивна заедничка книга со Станковски.

„Прилично запоставен“ во споредба со сликата од пред 15 години

Сепак, српскиот археолог упати отворен и остар апел до македонските власти поради негрижата:
„Колку што можам да забележам, локалитетот е прилично запоставен и во лоша состојба во споредба со тоа како го паметам од пред 15 години. Би апелирал до оние што имаат можност да направат промени во Македонија, бидејќи Кокино заслужува многу поголема грижа“, посочи отворено Булатовиќ.

Нацрт-планот од 2009 година е основа за враќање на патот кон УНЕСКО

Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева потсети дека уште во 2009 година, Музеј Куманово изработил нацрт-план за управување со Кокино како мегалитска опсерваторија, кој претставува стратешка основа за продолжување на процесот.
Документот од 2009 година е основа според која е потребно институциите да ги преземат преостанатите активности и да ги донесат неопходните акти за да продолжи постапката за номинација на локалитетот на листата на светско наследство на УНЕСКО.
„Уште во 2009 година е изработен нацрт-планот за управување со Кокино како мегалитска опсерваторија. Тоа е стратешки документ кој, за жал, од тогаш е застанат. Треба да се надоврземе на него за да продолжи останатиот дел од процесот. Во 2009 година е направена и првата номинација на Кокино пред УНЕСКО“, рече Честоева.

Честоева бара Кокино да влезе во капиталните проекти

Таа најави дека Управата за заштита на културното наследство ќе ја продолжи соработката со Музеј Куманово и Министерството за култура и туризам, со цел да се донесат преостанатите документи и да се активира застанатата постапка.
„Како држава мораме да го поддржиме овој процес и да продолжиме понатаму. Би иницирале постапка до Владата за Кокино да биде ставено во капиталните проекти, за да можеме да обезбедиме поголеми финансиски средства и да го продолжиме процесот“, истакна Честоева.
Таа заклучи дека Кокино има исклучително значење и од археолошки и од астрономски аспект и претставува непроценлив репрезент на македонското културно наследство, што најдобро го потврдува континуираниот интерес на странските експерти и посетители од различни делови на светот.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *