Забранета водата за пиење во Гостивар откако Градскиот водовод на диво поставил пумпа за црпење вода од Вардар, над 1.200 жители побарале медицинска помош
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе привремена забрана за користење на водата за пиење од гостиварскиот водоснабдителен систем, поради сомневање дека таа е загадена и не е безбедна за употреба.
При вонредниот инспекциски надзор било утврдено дека во главниот водоводен цевковод била поставена пумпа без соодветно одобрение, со која директно се внесувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
Повеќе од 1.200 жители на Гостивар во изминатите денови побарале медицинска помош поради симптоми како стомачни болки, повраќање, дијареја, температура и општа слабост.

Од АХВ информираат дека инспекциските служби, заедно со претставници на Министерството за животна средина, Основното јавно обвинителство Гостивар, МВР и Институтот за јавно здравје, извршиле контрола во пречистителната станица во селото Вруток.
При надзорот биле земени примероци од водата кои ќе бидат испитани во лабораторија, а забраната за употреба ќе остане во сила сè додека не се потврди дека водата е безбедна.
Од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар велат дека зголемен број пациенти со слични симптоми се јавуваат последните три до четири дена. Поради напливот на пациенти, бил засилен медицинскиот персонал на одделенијата каде што има најголема потреба.
„Во овие денови во ЈЗУ Општа болница ‘Д-р Ферид Мурад’ Гостивар, со овие симптоми се пријавени околу 1.000-1.200 пациенти. На сите пациенти им е дадена медицинска помош и соодветна терапија“, соопштија од болницата.

Од СВР Тетово информираат дека постојат сомнежи дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во близина на истечни отпадни води, преку кои вода била внесувана директно во главниот цевковод.
Според првичните сознанија, целта на оваа постапка најверојатно била да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг на вода, но со тоа биле создадени ризици за здравјето на населението.
Случајот е пријавен во СВР Тетово, од каде велат дека се преземаат мерки за негово целосно расчистување. Постои сомнение за кривично дело „Загадување на вода за пиење“, предвидено со член 219 од Кривичниот законик.
Од Центарот за јавно здравје во Гостивар информираат дека испитувањата на квалитетот на водата сè уште траат.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно