Загреб предлага данок од осум евра за квадрат на празните станови – треба ли и Скопје да го воведе истото?

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, најави нов предлог за драстично зголемување на годишниот данок на недвижности. Наместо досегашните пет евра, стапката би изнесувала осум евра по квадратен метар, што е раст од 60 проценти. Предлогот наскоро треба да биде доставен на разгледување и усвојување пред Градското собрание.

Загреб предлага данок од осум евра за квадрат на празните станови - треба ли и Скопје да го воведе истото?

Повисоката стапка нема да важи за оние што живеат во сопствениот дом

Мерката би се применувала исклучиво на празните станови и на недвижностите што се користат за краткорочно туристичко издавање. Граѓаните и сопствениците што живеат во сопствените домови или ги издаваат под долгорочен закуп за постојано домување ќе бидат целосно ослободени од оваа давачка.

Стан од 70 квадрати би скокнал од 350 на 560 евра годишно

Според официјалната пресметка на градот, за празен стан со површина од 50 квадратни метри годишниот данок би се зголемил од 250 на 400 евра. За недвижност од 100 квадратни метри, пак, сопственикот ќе треба да плати 800 евра годишно.

Целта е сопствениците да ги отворат неискористените станови

Градските власти во Загреб појаснуваат дека суштината на мерката не е само полнење на градската каса, туку пред се притисок и поттик за становите што стојат неискористени да завршат на пазарот за долгорочно изнајмување. Така би се зголемила понудата и би се стабилизирале вртоглавите кирии на станбениот пазар. Доколку Градското собрание го изгласа предлогот, новите правила ќе стапат на сила од почетокот на следната фискална година.

Во Скопје илјадници станови стојат заклучени и празни

Потегот на загрепските власти повторно ја разгоре јавната дебата за достапноста на становите и енормниот пораст на цените на недвижностите ширум регионот. Се наметнува логичното прашање: Дали и во Скопје, каде што според официјалните пописи илјадници станови стојат заклучени и празни, треба да се воведе сличен даночен механизам што би ја зголемил понудата и би им овозможил на младите полесен пристап до дом?

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *