Затвореник бара слобода откако поминал половина од животот зад решетки за кражба на мобилен телефон пред 20 години
Маж кој украл мобилен телефон во 2005 година и сè уште е во затвор бара да биде ослободен.
43-годишниот Лирој Даглас првпат бил осуден на 15 години за пушење канабис, а подоцна преминал на потешки дроги како хероин.
За да ја финансира зависноста, почнал да краде и со текот на времето собрал повеќе осуди. Во 2005 година, кога зад железничката станица во Кардиф му одзел мобилен телефон на пријател, бил осуден на најмалку две и пол години затвор.
Но, судијата му изрекол и казна со неограничено времетраење – позната како Imprisonment for Public Protection (IPP). Даглас тврди дека го украл телефонот само за да биде уапсен и да добие наредба за рехабилитација од зависност.
IPP беше воведена во Англија и Велс во периодот од 2005 до 2012 година. Овие пресуди беа наменети за осуденици кои не направиле доволно тешки дела за доживотен затвор, но биле сметани за опасни.
Судијата одредува минимална казна – во случајот на Даглас, две и пол години – но вистинската должина на затворскиот престој останува неограничена.
Иако IPP беше укината во 2012 година, пресудите изречени пред тоа останаа на сила, без автоматско ослободување на осудените.
Повеќе од една деценија по нејзиното укинување, многумина сè уште се зад решетки, меѓу кои и Даглас.
Во изјава за The Independent, тој вели: „Оваа казна е нечовечка и сурова. Моето задржување во затвор е веќе деградирачко, време е некој да интервенира“.
Според медиумот, Даглас е еден од 186-те затвореници кои веќе отслужиле најмалку пет пати подолга казна од првично доделената.
„Жалам за сè што направив и ја прифаќам целосната одговорност за моето минато. Додека сум во затвор, и јас сум бил жртва – ме нападнаа расистички и ми го исекоа лицето. Мојата казна веќе нема никаква смисла. Завршив 36 програми за рехабилитација со цел да ја намалам проценетата опасност и да се подготвам за слобода” вели тој.
Даглас дури и добил отштета од Министерството за правда, бидејќи не му бил овозможен пристап до курсевите што морал да ги заврши за да добие шанса за ослободување.
Во 2020 година добил уште пет недели затвор за перење пари, а неколкупати му било одбиено условното ослободување поради, како што наведуваат, проблематично однесување.
На последното сослушување, психолог препорачал да биде ослободен, но Комисијата за условно ослободување го одбила барањето – а Даглас тврди дека дури и му го згрешиле името во документите.
Портпарол на Министерството за правда изјави: „Добро е што IPP беше укината. Безбедноста на јавноста е приоритет, а министерот за правда соработува со организации за да им помогне на затворениците со ваква казна – преку подобар пристап до ментално здравје и програми за рехабилитација“.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно